Со „Маски“ на театарската група на Црвен Крст Охрид вечерва започнува 11-тото издание на „Вдиши театар“

Со претставата „Маски“ на театарската група на Црвен Крст Охрид вечерва започнува единаесеттото издание на Меѓународниот аматерски младински театарски фестивал „Вдиши театар“. Претставата во авторство и режија на Емилија Блажеска, Јованка Сион-Доленц, Весна Терзиоска и Даниел Наумоски ќе биде изведена во предворјето на црквата Света Софија со почеток во 20:30 часот.
„Маски“ е претстава за една генерација што живее како се да е во ред, а внатре е преплашена, осамена и уморна. Сакавме да покажеме колку се носат маските секојдневно и колку истите понекогаш не дозволуваат да се види она што го носиме во нас, вели Емилија Блажеска.

„На младите сакав да им дадам поттик да ги тргнат маските, да кажат кога им е тешко, да побараат помош, разговор. И ние возрасните да научиме да не ги тераме секогаш ајде напред, да сте најубави, најдобри… Со „Маски“ сакав да покажам колку и ние некогаш грешиме, а колку и на младиве им треба поддршка во овие денешни, за жал тешеки времиња. Сакавме да дадеме критика на некои делови од општетството, но добронамерна, системот малку да запре и да им обрати внимание на овие млади луѓе кои секојдневно се борат со еден куп проблеми. “– вели Емилија Блажеска.
На сцената младите актери -волонтери, со многу труд, ентузијазам и љубов кон театарот ќе пренесат пораки за другарство, разбирање, емпатија, храброст, младински предизвици и позитивни вредности.

„Го играм ликот на Алекс, лик за кој вели е многу ироничен, циничен и на прв поглед делува како сè да му е смешно. Но, всушност, неговата иронија е негова маска. Тој се шегува затоа што така му е полесно да ја каже вистината. Алекс не верува многу во системот и во убавите зборови, затоа што гледа дека младите често се оставени сами на себе. Тој постојано го прекинува Кукларот затоа што не сака приказната да звучи лажно или премногу убаво. Мене ми е интересен затоа што преку хумор кажува многу сериозни работи. Овој лик ме научи дека зад секоја шега може да има болка. Да бидам дел од Црвен крст и од оваа програма за мене значи да бидам дел од нешто што не е само претстава, туку порака до младите дека не се сами“ – вели Климент Размоски.

„Лена не е безобразна, туку е повредена и не знае секогаш како да побара помош. Таа сака некој да ја слушне без веднаш да ја поправа, да ја осудува или да и кажува дека „ќе помине“. Мене овој лик ми е важен затоа што мислам дека многу млади понекогаш се чувствуваат како Лена. Сите ние некогаш носиме маска за да изгледаме посилни отколку што сме. Да бидам дел од оваа претстава за мене значи да кажам нешто важно преку театар, да кажам дека нам ни треба некој да нè слушне. А да бидам дел од Црвен крст значи да учам дека хуманоста не е само помош во тешки моменти, туку и слушање, разбирање и поддршка.“ – вели Ева Гиноска.

„Куклата и помага да се соочи со себе си, со својот страв, со болката и со потребата конечно да биде искрена. Мене овој лик ми е посебен затоа што покажува дека понекогаш најтешкиот разговор е разговорот со себеси. Куклата не ја осудува Лена, туку ја води кон вистината. Таа покажува дека човек не е слаб кога ќе признае дека не е добро. Куклата и покажува на Лена дека во неа сè уште и живее мало радосно и весело девојче, само треба да го покаже. Да бидам дел од оваа претстава ми значи многу затоа што преку мојата улога учам колку е важно да се слушаме и себеси и другите. “– вели Леа Шумоликоска.

„Кукларката зборува за младите, за нивните лица, за нивните стравови и за тишината што често никој не ја слуша, а од друга страна останува затворена во чаршиските муабети. Мене ми беше интересно да го играм овој лик затоа што од една страна зборува за младите и нивните тешкотии, а од друга страна цело време низ претставата се однесува како чаршиска камера која се гледа и се знае. Оваа улога ме научи дека понекогаш не е доволно само да гледаме што се случува, да кажуваме како треба да се однесуваме, туку треба и да реагираме и вистински да помагаме. Да бидам дел од Црвен крст и од „Вдиши театар” за мене значи да бидам дел од тим што создава нешто корисно, убаво и важно за младите и за градот.“– вели Анастасија Треноска.

Во четиридневната програма на „Вдиши театар“, во периодот од денес до 13 јуни, својот актерски талент, умешност и креативност низ 5 театарски претстави ќе го прикажат повеќе од 40 талентирани млади актери-аматери од организациите на Црвен крст од Охрид, Црвен крст Суботица, Црвен крст Ужице, Црвен крст Крагуевац, Србија и Црвен крст Бар, Црна Гора. „Вдиши театар” е и едно културно освежување пред почетокот на големите летни културни случувања.
„Пред „Охридско лето” нашиот град добива младинска театарска енергија, отворена сцена и порака дека културата не е само за професионалците, туку и за младите кои сакаат да создаваат. Ова е настан од нас за градот, од младите за публиката, од волонтерите за заедницата. Она што е особено важно е дека фестивалот се реализира со максимално искористување на нашите сопствени капацитети човечки, организациски, волонтерски и креативни. Во подготовките се вклучени млади луѓе, волонтери, ментори, соработници и пријатели на Црвениот крст. Токму тоа му дава посебна вредност на фестивалот, затоа што покажува дека кога има желба, тимска работа и добра идеја, може да се создаде настан кој го збогатува градот.“ – посочи Блажеска.
Влезот за сите претстави во рамки на „Вдиши театар“ е слободен во насока на тоа културата да биде достапна за сите граѓани и за туристите.




