Skip to main content

„Summer Comedy Marathon“ по шести пат ќе го освежува Охрид со хумор

18 стенд ап комичари од градот, земајва и странство, ќе приредат 19 шоуа на шестото издание на Фестивал на комедијата „Summer Comedy Marathon 2024“. Безмалку еден месец охриѓани и гостите ќе се освежуваат со хумор во овие тропски горештини. Годинава главен настан е јубилејното шоу „10 Години 2 Mothers Brothers – Comedy Cabaret“ на 13-ти август на Долни Сарај.
 |  Маја Савиќ  | 

Шестиот Фестивал на комедијата „Summer Comedy Marathon 2024“ од 21-ви јули до 13-ти август ќе донесе вистинско освежување во топлите ноќи во Охрид. 18 стенд ап комичари од градот, земјaва и странство, ќе приредат 19 шоуа различни по форма и карактер. Кога се роди идејата за фестивал на комедијата, стенд ап комичарите беа во мал број, но во изминатите години сцената расте и се развива, рече на денешната прес конференција Никола Тодороски, дел од организаторите и учесник на маратонот.

„Фестивалот го отвораме со, можам да се пофалам и нема да е нескромно, со култното шоу ИМПРОВОКАЦИЈА , ретко од таков вид во Македонија, бидејќи претставува театарска импровизација којашто се случува во моментот со активна партиципација на публиката. Нема да ги спомнуваме сите шоуа, неколку само би издвоил. Имаме гостување на нашите драги колеги и пријатели Атанас и Тино, имаме тројца учесници од Србија и еден од Грција, неколку шоуа на Англиски јазик што го потврдува фактот дека Summer Comedy Marathon е интернационален фестивал и се надеваме дека во идните години и програмски и по квалитет ќе расте.“ – кажа Тодороски.

Оваа година хајлајт на фестивалот е јубилејното шоу „10 Години 2 Mothers Brothers – Comedy Cabaret“ на 13-ти август на Долни Сарај. Дуото „Од две Мајки Браќа„, Стрезо Стаматовски и Никола Тодороски заедно со Никола Јосифоски и Јане Тодороски со специјален материјал за 10 годишнината ќе приредат смеење до болка.

На маратонот една вечер ќе биде посветена и на сите оние кои сакаат да се обидат во стенд ап комедијата. На Open Mic или Отворен микрофон секој кој мисли дека има талент за стенд ап ќе добие 5 мин, а публиката ќе го избере најдобриот на кој организаторите ќе му доделат парична награда и настап во регуларно шоу.

„Начинот на пријавување е www.infohahaha.mk со слика, име презиме, основни податоци за да можеме да се исконтактираме. Целта ни е да ја освежиме локалната сцена, може да се пријавувате и од друг град. Исто како што почнавме ние помладава екипа пред 6 години. Пишуваш материјал па полека го ѕидаш, го градиш, се полира, почнуваш со 5 минути и полека се додека не формира една убава шега.“ – кажа Никола Силјаноски – Братучед.

„ Јас би се надоврзал на Братучед, затоа што и ние имавме таква можност на Open Mic да започниме пред 6 години и еве на овај маратон јас и Братучед ќе имаме соло шоу. Нашите настапи ќе траат по час , час и половина, а сме започнале со 5 минути, такашто важна е целта. Ние сме отворени за соработка со сите, добро е да се пријават и девојки затоа што недостигаат во екипава, изгледа како да сме некое машко лоби, а не е така.“ – изјави Зоран Донев.

Она што започна како локална приказна од година во година се развива, публиката е побројна, но и учесниците а самиот фестивал добива интернационален карактер и станува препознатлив дел од летната понуда на градот, вели Јован Цветкоски, учесник на маратонот.

„Многу ми е мило што сум дел од ова веќе 6 години и ми е драго што во последниве години со ваков тип на настани и фестивали градиме некоја културна алтернатива на охридската сцена и пошироко со тоа што ја збогатуваме и понудата на градот. Се повеќе младите и вакви екипи се охрабруваат да ги преземат работите во свои раце и да направат некоја иницијатива бидејќи навистина Охрид заслужува но и граѓаните и гостите заслужуваат и ваков тип на настани. – изјави Цветкоски.

Годинава шоута ќе се одвиваат на четири сцени кои организаторите очекуваат да бидат исполнети до последно место.

„ Годинава маратонот ќе се одвива на 4 сцени и тоа во ЦК „Григор Прличев“, Куба Либре, Џез Ин и едно шоу на сцената на Долни Сарај. Сите настани, освен последниот, започнуваат во 20 часот. Карти ќе можат да се купат на www.hahaha.mk или со резервација на телефон 075 283 066. “ – информира Филип Ангеличин Жура, дел од организаторите.

За секое шоу на Summer Comedy Marathon се бара билет повеќе, па затоа сите кои се заинтересирани навреме да си купат или резервираат влезница, порачуваат организаторите.