Свечено врачена наградата за најдобра поема на лауреатот Андреј Ал-Асади

Свечено врачена наградата за најдобра поема на лауреатот Андреј Ал-Асади за поемата „Никогаш пред ил’ потем”, во рамки на Манифестацијата „Прличеви беседи“ со која се одбележува годишнината од смртта на големиот охридски и македонски поет и преродбеник Григор Прличев. Оваа награда значи афирмација за моето долгогодишно поетско творештво кое кулминираше во поема која претставува лична внатрешна борба на една од најинтересните личности во историјата, Александар Македонски, ќе каже младиот поет Ал-Асади.

–Секогаш е предизвик да се учествува на конкурс од ваков тип посебно на конкурс за најдобра поема Григор Прличев што е стара и веќе доста реномирана награда и како што слушнав, имало добра конкуренција, такашто мило ми е што учествував и што ја добив наградата, кажа поетот Ал-Асади.
На конкурсот за најдобра поема „Григор Прличев“ за 2024 година пристигнале 13 поеми, меѓу кои издвоиле неколку коишто го задржале вниманието на жири комисијата. Наградената поема има една посебна вредност во начинот на интерпретација на тема од подалечното историско минато, последната битка на Александар Македонски во Индиј, кажапретседателот на жири комисијата, поетот Славе Ѓорго Димоски, кој пред присутните ја претстави поемата „Никогаш пред ил’ потем”.

„Наеднаш поетот бега од историските факти и поставува едно големо филозофско прашање а тоа е „ која е најголемата победа, дали онаа физичката или духовната“. Тука се води еден дијалог помеѓу Александар и еден индиски врач кадешто Александар на крај чувствува дека тој е духовно поразен и поентата на поемата е дека духовната победа, духовниот мир е она вечното нешто што го краси човекот.- кажа Славе Ѓорго Димоски.

Нашата култура ќе беше посиромашна без Сердарот и Скендербег како врвни дела во светската литиретаура, но и без досегашните и идни поеми на учесниците на овој конкурс, истакна заменик градоначалничка на Охрид, Ана Крстеска, во своето обраќање на свеченото доделување на наградата.
„Прифаќајќи го сето она што Прличев ни го оставил како свет завет денес ја продолжуваме неговата мисија докажувајќи дека со знаеше невозможното станува возможно, недостапното достапно. Секое време носи нов Прличев и нови поеми со суштински пораки во современиот свет. На годинешниот лауреат на наградата Григор Прличев му го честитам ова високо признание и му посакувам многу творечка енергија и нови книжевни рожби. – кажа пред присутните Крстеска.

Манифестацијата „Прличеви беседи“ ќе биде заокружена утре со традиционалната Прличева визита и доделување на наградата за најдобра беседа во чест на охридскиот Хомер и панихида на гробот на Прличев, кој се упокои на 6 февруари 1893 година.
Latest Сцена & Муабети
