По повод Светскиот ден на литературата за деца промоција на книгата „Тапшин танана“ од Божана Атанасова
НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид, Светскиот ден на литературата за деца утре од 12.00 часот ќе го одбележи со промоција на приказните за деца „Тапшин танана“ од Божана Атанасова.
Роднокрајната авторка Атанасова е родена 1944 година во село Лактиње и по струка е медицинска сестра во пензија. Автор е на книгите „Митуш“ ( 2013) , „Водици“ ( 2016) , „Талкачи по виножитото“ ( 2016), „Во приквечерината“ ( 2021) и „Низ прозорецот“ издадена 2022 година.
„Тапшин танана“ содржи 17 приказни кои влечат корени од нејзиното детство, но и инспирирани од секојдневието на авторката Атанасова со нејзините внуци Димитар и Искра кои се сега возрасни луѓе.
Издавач на најновата книга е НУ Библиотека „Григор Прличев“, а промотор ќе биде м-р Милчо Јованоски, виш библиотекар. Извадоци од приказните за деца ќе чита библиотекарката Бети Лазеска – Симоноска.
За значењето на книгата и Светскиот ден на литературата за деца ќе зборува Христина Трпеска директорката на Библиотеката.
Втори април како ден на книгите за деца ширум светот се слави од 1967 година. УНЕСКО, всушност на овој начин го одбележува и роденденот на големиот дански писател на бајки Ханс Кристијан – Андерсен.
На утрешната промоција се добредојдени деца и родители и баби и дедовци со своите внуци. Едните да слушнат приказни од дамнешното време а други да се потсетат на детството.


