Музичките таленти од ОМУ „Методи Патче“ го отворија Охрид Џез Фестивал

Со вечер на млади музички таленти започна четвртото издание на Охрид Џез Фестивал. Љубителите на музиката синоќа, во предворјето на црквата „Светан Софија“ уживаа во прекрасниот концерт „Ехо од Македонија“, на кој настапија ученици и професори од ОМУ „Методи Патче“, Охрид, заедно со детскиот хор при училиштето.

На свеченото отворање на фестивалот, публиката ја поздрави претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.
– Оваа прекрасна музичка манифестација од година во година прераснува во препознатлив дел од културниот живот на нашиот град. Особено ме радува што ова издание носи проширена и разновидна програма, со која Охрид уште еднаш покажува дека има потенцијал за различни музички изрази, за нови уметнички идеи и за врвни музички имиња.
Џес фестивалот е вистинско освежување на самиот крај на летната сезона. Во период кога градот, се уште е исполнет со гости и посетители од земјава и странство, ваквите настани дополнително ја збогатуваат културната понуда.

Од голема важност е тоа што првата фестивалска вечер е посветена на младите музичари. Нивниот талент, ентузијазам и љубов кон музиката заслужуваат да бидат поддржани и афирмирани. Верувам дека и ова фестивалско издание ќе донесе одлична атмосфера и незаборавни моменти за публиката.
Општина Охрид ќе продолжи да ги поддржува културните настани кои ја афирмираат уметноста и го потврдуваат Охрид како град со богата културна понуда. Им благодарам на организаторите, на сите учесници и на оние кои придонесоа ова фестивалско издание успешно да се реализира, истакна Божиновски во своето обраќање.

Вчерва во рамки на фестивалската програма настапуваат Сашко Костов и Орхидеја Дукова кои ќе донесат спој на традиционална македонска музика и современ џез израз.





