Танцовиот перформанс „Лиминално тело“ вечерва во ЦК „Григор Прличев“
Вечерва изведба на „Лиминално тело“ во Народен Театар Охрид со почеток во 20:00 ч.
Kореографката Ивана Балабанова ја постави новата танцова претстава „Лиминално тело“ заедно со танчарите: Сара Цветковска, Дејан Битровски, Илина Костовска, Тереза Лазаров, Стефани Шааршмит (Германија/С. Македонија) и Џун Елис Мах (Германија). Перформансот во својот интердисциплинарен пристап ги обединува јазиците на танцот и театарот носејќи на сцената свежина со еден нов израз. Експериментален концепт се надополнува со современиот музички израз на композиторот Алесандро Ола, како и сценографските и светлосни решенија на сценографот Мартин Манев и светло дизајнерот Игор Митревски.
Перформансот својата премиера ја оствари на 10 јули во Младинскиот културен центар Скопје.
Битрикс Културен Центар, преку „Платформа Битрикс“, а поддржан од Swiss Agency for Development and Cooperation (SDC) на почетокот на јануари започна со реализација на првиот од трите циклуси од проекот Tanz.Transformator. Re-imagining our dance community. (Танц.Трансформатор – Реобмислување на локалната танцова заедница). Како што вели и самото име, креаторите на проектот поаѓаат од идејата да се преобмисли локалната современа танцова заедница како обид за надминување на недостатоците, меѓу кои се наоѓа и потребата за генерирање повеќе платени можности за професионалните танчари поради непостоењето на институции кои можат да ги вработат и/или ангажираат континуирано, а со тоа и да се обезбеди континуитет и одржливост на оние кои професионално се занимаваат со танц. Така, проектот предвидува можност за професионален развој и платен ангажман на професионалните танчари од локалната сцена преку продукциски ориентирани резиденции со локални и интернационални кореографи, како и можности за национални и регионални турнеи кои што ќе овозможат континуитет на квалитетен професионален ангажман – неопходен за развојот и афирмацијата на танцовата уметност кај нас.