Со концерт на НУ Ансамбл „Танец“ свечено отворено 65. издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри во Охрид

Со целовечерен концерт на Националната установа Ансамбл за народни игри и песни на Македонија „Танец“, синоќа свечено беше отворено јубилејното 65. издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри во Охрид, најстарата меѓународна фолклорна манифестација на Балканот.

Свеченото отворање започна со настапот „Билјана платно белеше“ во изведба на КУД „Ѓердан од бисери“ од Охрид, по што следуваше концертот на ансамблот „Танец“, кој со богат репертоар од македонски народни игри и песни ја воодушеви бројната публика и го означи почетокот на четиридневната фестивалска програма.


Фестивалот, кој годинава се одржува од 3 до 6 јули, е во организација на Националната установа Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид, под покровителство на Собранието на Република Македонија, со поддршка од Министерството за култура и туризам и пријателите на фестивалот.

Вечерва, во рамки на втората фестивалска вечер, пред охридската публика ќе настапат Фолклорната група „Копачка“ од Драмче, Фолклорниот ансамбл „Блажевски“ од Скопје, Фолклорниот ансамбл „Деволи“ од Корча, Албанија, како и Културно-уметничкото друштво „Отекс“ од Охрид.
Фестивалската програма продолжува и утре, 5 јули, кога ќе настапат КУД „Тиквеш“ од Кавадарци, КУД „Јане Сандански“ од Неготино, Фолклорниот ансамбл „Копривлен“ од Хаџимидово, Бугарија и Фолклорниот ансамбл „Филиграни“ од Охрид.
Завршната фестивалска вечер, на 6 јули, ќе ја одбележат настапите на КУД „Дримкол“ од Вевчани и Државниот ансамбл на Хрватска „ЛАДО“ од Загреб, еден од најреномираните професионални фолклорни ансамбли во Европа.

Со својата 65-годишна традиција, Балканскиот фестивал на народни песни и игри останува еден од најзначајните културни настани во земјава и препознатлив симбол на Охрид, кој секоја година ги обединува фолклорот, музиката, играта и богатото културно наследство на балканските народи.







