Театарската група на Црвен крст Охрид ја изведе претставата „БАРА“ во Требиње
Театарската група на Црвен крст Охрид вчера се врати од четиридневна посета на Црвен крст Требиње, Босна и Херцеговина каде во петокот, на 8 септември 2023 г. пред многубројната публика во Културниот центар во Требиње успешно ја изведе театарската претстава „БАРА“ со која младите актери на Црвен крст Охрид на креативен начин ги прикажаа животните судбини и предизвици на жртвите на еден систем со нарушени вредности, борбата на човекот со различни искушенија и неправди поминувајќи по тежок пат исполнет со очај и рамнодушност, лутајќи во лавиринтот на безнадежноста во потрага за подобро утре и подобри ние, што за жал е секојдневие на повеќето луѓе кои живеат на просторите на поранешната СФРЈ.
Претставата „БАРА“ во сценарио и режија Емилија Блажеска, Весна Терзиоска и Јованка Сион Доленц, театарската група на Црвен крст Охрид премиерно ја изведе на отворањето на овогодинешниот Аматерски младински театарски фестивал „ВДИШИ ТЕАТАР“.
Посетата на Црвен крст Требиње, волонтерите на Црвен крст Охрид ја искористија за воспоставување нови пријателства и дружење со волонтерите на Црвен крст Требиње и запознавање со знаменитостите и убавините на овој крај.
Оваа средба на младите во Требиње ќе ја зајакне и прошири постоечката соработка на двете организации на Црвен крст и во делот на театарската уметност со дефинирање на учеството на волонтери на Црвен крст Требиње на Аматерскиот младински театарски фестивал Вдиши Театар наредната година во Охрид.