Театарската група при Црвен крст Охрид со претставата „Утре“ ќе го отвори фестивалот „Вдиши театар“
Со претставата „Утре“ во изведба на театарската група при Црвен крст Охрид, вечерва, со почеток во 21 часот, во предворјето на црквата Св. Софија започнува деветтото издание на меѓународниот аматерски младински театарски фестивал „Вдиши театар“.
Претставата „Утре“ е по сценарио и во режија на Емилија Блажеска, Весна Терзиоска и Јованка Сион Доленц, а кореографијата е на Даниел Наумоски.
Идејата за претставата ја добивме од медиумската писменост која беше премногу нагласена во училиштата и моќта на медиумите, кажа на денешната прес конференција, Емилија Блажеска.
„ Развивајќи ја идејата, на крај, зедовме мотиви од Џорџ Орвел, од неговиот роман 1984 за да покажеме колку медиумите и контролираните медиуми можат да го урнисаат едно општество, да ја задушат креативноста, човечноста и да ги направат луѓето роботи. Од друга страна сакавме да покажеме дека и ние самите со социјалните мрежи својата приватност ја даваме на дланка сите да ја видат.“ – рече Блажеска.
Младите актери кои играат во претставата кажаа дека истата ја подготвувале со огромна посветеност, соработка и хемија на пробите, со учество на сите членови на групата во целиот процес, од обликување на текстот до конечно поставување на сцена.
„Мојата улога е број 2, доста високо поставена на хиерархијата која ги контролира луѓето и го спроведува цел тој систем на прикажување на приватноста јавно секаде и десна рака на оној главниот. Преку мојата улога се прикажува дека дури и сите привилегии кои ги добива еден човек на вака висока позиција, не може да се споредат со стравот и контролата која е двојно поголема врз него во споредба со обичните луѓе.“ – кажа Сара Петкоска.
„ Го толкувам ликот на Величе кој е познат и како број 368 кој е заробен во едно контролирано општество и е под строг режим. Но, за негова среќа на средина од неговиот пат го пронаоѓа група на луѓе кои се подготвени да го срушат тој систем. Одлучно се приклучува на групата и со сите свои сили се бори до крај за да се постигне главната цел пад на системот.“ – кажа Ѓорѓи Целески.
„ Го толкувам ликот на Олгица, која за разлика од другите е веќе освестена и знае што се случува, знае дека општетството во кое живее не е добро. Се бори што поголем број на луѓе да привлече за да го паднат тој систем. Со оваа драма сакаме да покажеме дека дури и злото има крај и дека секогаш доброто победува. “ – кажа Софија Јаковлева.
На фестивалот ќе настапат млади актери, волонтери од збратимените организации на Црвен Крст од Србија и Црна Гора. Низ годините Фестивалот „Вдиши театар“ навистина се развива во вистинска насока, истакна потпретседателката на ОО Црвен крст Охрид Весна Терзиоска.
„Основната цел на фестивалот ни е да ги поттикнеме младите културно да се издигнуваат, да го поттикнеме нивниот талент и да им дадеме простор каде ќе можат креативно да се изразат, бидејќи сметаме дека културата е место кадешто младите можат да се сплотат и да се развиваат во личности со високи вредности.“ – кажа Терзиоска.
Утре во 19 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, театарската група на Црвен крст од Бар ќе ја изведе претставата „Потрага по изгубеното богатство“. Во 21:00 часот младите глумци од Црвен крст Крагујевац ќе ја изведат претставата „Њима о њима“. Завесата на тетарскиот фестивал ќе биде спуштена со изведба на претставата „Ланчана реакција“ од театарската група при Црвен крст од Суботица, во петок, 15-ти јуни во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21:00 часот. Влезот за сите претстави е слободен.