Утре почнува претпрограмата на 8. Beach Film Festival
Од 2 до 7 јули на плажата Сараиште во Охрид ќе се одржи претпрограма за осмото издание на „Beach Film Festival“ кое е најавено во периодот од 23 до 27 јули.
–Селекцијата „земја во фокус“ оваа година ја претставува Германија. Во соработка со Гете-институт Скопје, публиката ќе има можност да погледне седум современи германски филма. Секоја вечер од 2-и до 6-ти јули, со почеток од 20:30 часот, ќе се прикажуваат внимателно избраните филмови, секој од нив уникатен и забавен на свој начин, велат организаторите.
На 2 јули ќе биде прикажан филмот „Два спрема еден“ („Zwei zu eins“), на 3 јули „Френки со пет ѕвезди“ („Franky Five Star“), на 4 јули „Јоња“ („Jonja“) и „Утре некаде покрај море“ („Morgen irgendwo am Meer“), на 5 јули „Пливање“ („Schwimmen’) и „Надвор од мојата кожа“ („Aus Meiner Haut“), додека на 7 јули „Обичните“ („Die Gewöhnlichen“).
Влезот е бесплатен, а проекциите започнуваат во 20:30 часот.
Осмото издание на Beach Film Festival ќе се одржи од 23 до 27 јули и ќе понуди програма со филмски проекции и музички перформанси на четири локации во Охрид, и тоа на плажите „Славија“ и „Сараиште“, бродот „Армада“ и Младински културен центар. Организаторите најавуваат проекции на филмови од Франција, Италија, Грција, Монголија, Австрија и Германија.