Skip to main content

НУ Центар за култура “Григор Прличев” – Охрид

Утре промоција на книгата „На иста адреса“ и Сатирична работилница за деца со гости од Делчево

Утре, четврток, од 12 часот во „Прличевата одаја“ на НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид ќе биде промовирана книгата „На иста адреса“ од aвторите Христина Деолска и Миле Ѓорѓијоски. Се работи за заедничка книга во која на еден спонтан начин се запишани поетски и афористички дела на обата автори.
 |  инфодеск  | 

Утре, четврток од 12 часот во „Прличевата одаја“ на НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид ќе биде промовирана книгата „На иста адреса“ од aвторите Христина Деолска и Миле Ѓорѓијоски. Се работи за заедничка книга во која на еден спонтан начин се запишани поетски и афористички дела на обата автори.

Ѓорѓијоски во предговорот на книгата ќе запише: На секоја песна од Деолска на следната страница, јас одговарам со афоризми. Книгата може да се доживее како разговор помеѓу поет и сатиричар, каде секој разговара на својот јазик. Во книгата има 39 песни и 195 афоризми. Христина на темата време ѝ приоѓа емотивно, тажно, рефлексивно, понекогаш навидум и со чувство на безнадежност. Од другата страна, јас со моите афоризми правам обид читателот да го вратам на земја, во реалниот свет. Тоа е свет кој не е баш најдобро место за живот, но може да се поднесе кога е обоен со иронија и сарказам, со сатиричен приод, после што ни останува насмевката, макар и горчлива, ќе запише еден од авторите на ова необично дело и се чини прво во македонската литература Миле Ѓорѓијоски од Делчево.

Поетсата Деолска потенцира дека  „разговорот“ меѓу стиховите и афоризмите и двата жанра ги облагородува и уште еднаш ја покажува во целата своја величественост магијата на зборот. А фантазијата е неисцрпен бесконечен извор, особено под перата на оние кои живеат за литературата. Задоволството од конечниот облик кој го доби оваа книга е немерливо. И уште еднаш докажува дека уметноста не познава и не признава граници, додава таа.

Промоцијата ќе ја отвори директорката на Библиотеката Христина Трпеска, а промотори ќе бидат новинарот и публицист и познат афористичар Витомир Долински и Милчо Јованоски, виш библиотекар и публицист.