Skip to main content

beach film festival

Утре започнува 8. Beach Film Festival

Повеќе од 60 проекции на најнови европски филмски остварувања се на програмата на осмото по ред издание на Beach Film Festival.
 |  инфодеск  | 
БФФ затворање

Од 23 до 27 јули, Охрид повторно ќе стане живо гледалиште на новиот европски филм. Осмото издание на „Beach Film Festival“ ќе се одржи на четири внимателно избрани локации: главното отворено кино на плажата Славија, култната плажа Сараиште, Брод Армада и Младинскиот центар во Охрид. Фестивалот годинава носи повеќе од 60 филма од современата европска кинематографија – внимателно селектирани, со свежи авторски гласови, најавуваат од „Beach Film Festival“.

-Beach Film Festival не е само платформа за филмови, туку и за идеи – за поврзување преку култура. Во магичниот амбиент на Охридското Езеро, помеѓу старото јадро и ноќните проекции под отворено небо, фестивалот ја оживува визијата за култура која не е затворена во сали, туку дише заедно со градот и со публиката, велат организаторите.

Тие додаваат дека сите продадени карти и доброволни донации ќе бидат донирани на погодените семејства од пожарот во Кочани.

Инаку, фестивалот има и натпреварувачки карактер, со доделување награди за најдобар долгометражен филм, најдобар краткометражен, најдобро актерско остварување, како и специјално признание за најдобар студентски краткометражен филм.

За главната награда ќе одлучува четиричлено меѓународно жири составено од Хуан Албарацин (режисер и сценарист, Шпанија), Танасис Неофотистос (режисер и писател, Грција), Натан Силвер (режисер, САД) и Патрик Бихтинг (режисер и продуцент, Германија).

Ова издание се реализира со поддршка од Агенција за филм, Општина Охрид, Шпанска амбасада, Гете Институт, Француски институт, Италијанска амбасада, Халкбанка и Соко.