Skip to main content

Утревечер, во Велгошти, ќе се одржи традиционалната културна манифестација „Вечер на Живко Чинго“

„Вечер на Живко Чинго“ традиционално ги обединува литературата, музиката и културното наследство, во чест на творештвото и оставината на македонскиот раскажувач, романописец и драмски писател, Живко Чинго.
 |  инфодеск  | 

Утревечер, во атарот на црквата „Св. Петка“ во Велгошти, ќе се одржи традиционалната културна манифестација „Вечер на Живко Чинго“, посветена на еден од најзначајните македонски писатели.

Програмата ќе започне со полагање цвеќе пред спомен-обележјето на Живко Чинго, по што ќе следува обраќање на претставник на Општина Охрид.

Во рамки на манифестацијата ќе биде доделена и наградата за најдобар расказ, по што ќе следува кратко обраќање на годинашниот добитник, д-р Марјан Патлиџанковски.

За ликот и делото на Живко Чинго ќе беседи академик Катица Ќулавкова.

Културно-уметничката програма е дел од проектот „Македониум“, во која ќе настапат музичарите Бојан Маркоски на хармоника, Стефан Чеменковски на кларинет, Ѓоко Чеменковски на вокал, Владимир Срибноски на пијано, Виктор Србинoски и Ристе Долeв на виолина, Величе Затуроски на клавир и Димитар Трпеновски на кахон, како и рецитаторите Софија и Виктор Милески.

На манифестацијата ќе настапи и КУД „Илинден“ – Велгошти.

„Вечер на Живко Чинго“ традиционално ги обединува литературата, музиката и културното наследство, во чест на творештвото и оставината на македонскиот раскажувач, романописец и драмски писател, Живко Чинго.