Skip to main content

Валандовскиот патувачки културен караван во среда ќе гостува во Охрид

Изложба на стари фотографии, претставување на валандовски автори и дегустација на традиционални производи oд Валандово, во Библиотеката „Григор Прличев“.
 |  инфодеск  | 

Охриѓани во среда ќе имаат можност одблиску да се запознаат со културното наследство, литературата, традицијата и гастрономијата на Валандово преку манифестацијата „Валандовска (патувачка) книжевна ноќ“, која ќе се одржи во Библиотеката „Григор Прличев“ со почеток во 12 часот.

Настанот е дел од проектот „Валандовска (патувачка) книжевна ноќ“, чија цел е промоција на валандовската култура надвор од Валандово и претставување на богатото културно и историско наследство на овој регион пред пошироката јавност.

Во рамки на програмата ќе биде отворена изложбата „Старо Валандово низ текот на 20 век“, преку која посетителите ќе можат да видат архивски фотографии и значајни моменти од животот во Валандово во минатото. Ќе биде изложен и дел од роднокрајниот книжевен фонд што се чува во Библиотеката „Гоце Делчев“ при Домот на културата во Валандово.

Посебно место во програмата ќе има претставувањето на творештвото на тројцата најплодни валандовски автори – Костадин Кајдамов, Апостол Поп Јовановски и Мирчо Карамучев, чии дела оставиле значаен белег во македонската книжевност.

Покрај книжевните и изложбените содржини, посетителите ќе имаат можност да дегустираат и традиционална валандовска храна и локални производи, меѓу кои производи од калинка, смоква и познатиот валандовски дренак.

Валандово е препознатливо по своето богато културно наследство, археолошките локалитети Исар-Марвинци, Исар-Кулата и Стакина Чешма, како и по Фолк Фест Валандово, најстариот фестивал на новокомпонирана музика во стилот на македонската народна песна.

Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам. Автор на проектот е Станка Бајлозова-Барламова, дипломиран книжевник и вработена во Домот на културата „25 Мај“ во Валандово. На отворањето на настанот ќе се обрати и в.д. директорот на установата, Виктор Давчев, додека во реализацијата на програмата учествува и долгогодишниот библиотекар Љилијана Нанова.