Вевчани достоен чувар на традицијата
Вевчани достоен чувар на традицијата. По 14-ти пат се одржа Фестивалот на народна култура „Пображење“, во организација на Културно Уметничкото Друштво „Дримкол“. Фестивалот завршува денеска на празникот „Преображение Христово“, со концертот „Вевчанска музичка приказна“. Народната култура на својата земја оваа година на сцената во Вевчани ја презентираа фолклорни ансамбли од Македонија, Хрватска, Словачка и Србија.
„Навистина ни е драго што по 14-ти пат успеваме Вевчани да го претвориме во сцена кадешто се претставуваат уметници од повеќе области на народната култура. Со Пображење сакаме да дадеме допринос за развој на народната култура во државата, да ја промовираме, да нудиме можност народните култури од светот да доаѓаат тука да го збогатиме општественото културното живеење во Вевчани и секако одлична понуда за туризмот , за сите туристи коишто се на охридско струшката ривиера и секако во Вевчани. Најважно е тоа што Фестивалот за народна култура Пображење стана препознатлив во Македонија и пошироко. “ – изјави д-р Тошо Чочороски, претседател на КУД „Дримкол“.
Да ги едуцираме своите деца да си ја знаат сопствената историја, култура и традиција порача министерот Зоран Љутков во обраќањето на свеченото отворање на Фестивалот кој е под покровителство на Министерството за култура и туризам.
„ Како Министерство за култура и туризам од следната година ќе одвојуваме многу повеќе средства за вакви настани коишто го имаат предзнакот на фолклорната традиција или народната култура. Тоа е нашиот белег . Ние можеме да кажеме дека како земја и како народ сме прогресивни и дека сакаме да одиме напред, да влеземе во Европската унија, сакаме да ги исполниме сите критериуми, но се поставува прашањето „како, со што ние ќе бидеме препознатливи“. Многу често бегаме од нашата култура и традиција. Напротив, мислам дека треба да се вратиме кон своите корени, да си го препознаеме тоа што е наше , автентично, што е уникатно и да го негуваме и на тој начин да се презентираме пред европските земји со нашата култура, традиција, историја да покажеме по што сме ние единствени. “ – изјави Зоран Љутков – Министер за култура и туризам.
Годинешното издание на фестивалот понуди богата програма. Се одржа ликовна колонија „Народната култура во Вевчани – инспирација за млади уметници“, во чии рамки членови на детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ од Битола сликаа на различни локации низ Вевчани. Исто така во Мултикултурниот центар во Вевчани беше отворена и изложба на фотографии „Моменти“ од авторот Антонио Стојчески. Во рамки на фестивалот оваа година се одржа и тркалезна маса на тема „Традицијата и современоста: Еден напред, три назад…“, при што фестивалот го отвари прашањето за тоа дали македонскиот фолклор и традиција денес се движат во вистинска насока.