Skip to main content

ВИС „Билјана“ Охрид -16 години  чувар на староградскиот мелос

ВИС Билјана  од Охрид  16 години  чувар на староградскиот мелос.  Важат за   достојни  наследници  на  охридските трубадури, и креатори на Охридската визита, која не е само музика туку и сценографија и комплетна приказна. Оваа приказна се роди како настан во чест  на шеесет години од формирањето  на ансамблот од страна на Кузман Поп-Стефанија.
 |  инфодеск  | 

Четвртата  трубадурска генерација,  ВИС Билјана од Охрид одбележува 16  години од своето формирање и постоење. Тие се чувари на староградскиот мелос. Ја  негуваат, шират  и всадуваат љубовта кон музичка традиција. 

Важат за   достојни  наследници  на  охридските трубадури, и креатори на Охридската визита, која не е само музика туку и сценографија и комплетна приказна.

Охридската визита  се роди пред 13 години,  како настан во  чест на шеесет години од формирањето  на ансамблот од страна на Кузман Поп-Стефанија и континуирано се одржува до денес за зачувување на духот на охридската староградска песна.

– Така е, и самиот настан, Охридска визита, така започна.  Ние првиот концерт го направивме на плажата Сараищте,  како мала малска приредба, по повод 60 години од формирањето на ансамблот   и прерасна во една традиција што се надевам дека уште многу долго ке трае. И  годинава не се надевам, туку сум сигурен дека ќе биде многу убаво. И тоа е целта, да правиме концерти на специфични локации,  што се, да речам, некој белег  на Охрид.-  вели Христијан Томевски од ВИС Билјана.

Повеќе од седум  децении  низ охридските сокаци  одекнуваат звуците на староградската  песна од познатиот  ансамбл “Билјана”. Легендарните мелодиите за убавиците Деспина, Фросина, Антица  и уште безброј  други  песни  истргани  од душата на  народот,  денес се важен дел од македонската култура и историја, чувар на нашиот идентитет.

Годишнината од формирањето на ансамбалот творец на староградскиот мелос е  врзана со државниот празник 8 ми Септември, така редовно се одбележува како Охридска визита.

-Апсолутно, апсолутно. Не е случајно се вика настанот охридска визита.  Најблиску  сакаме да доловиме како порано изгледала една охридска визита,  вели Томевски.

Групата, која ги негувала  староградските песни  била  составена  од  непрофесионални музичари,  кои свиреле како вљубени во музиката. Денес оваа традиција верно ја продолжуваат   млади и талентирани луѓе, доктори, инфоматичари, инжинери но во душа врвни  музичари.

-Точно, сите сме со различни професии, кој работи програмер, кој работи доктор. Музиката е она што не спојува и што не држи заедно. Имавме доста настапи, нормално како и секоја сезона во летниот период сме повеќе ангажирани  и можам да кажам дека сум задоволен., додава Томевски.

Радува тоа што веќе и помладата генерација ја препознава и сака староградската музика. Се повеќе млади луѓе  дел од овие концерти, а има интерес и кај талентираните да ја отсвират и отпеат.