ВМРО-ДПМНЕ ги напушти преговорите за медиумите
Политичките преговори за медиумите во ќор сокак, пренесува „Телма“.
Претставниците на ВМРО ДПМНЕ попладнево, кусо време по почетокот на работниот состанок, го напуштиле Клубот на пратениците. Од тимот на посредникот Питер Ванхауте информираат дека причина за ваквиот потег било незадоволството на владејачката партија од неприфаќањето на нивните предлози за регулирање на медиумската сфера. Потенцираат дека прават напори за надминување на оваа ситуација и се надеваат дека утре разговорите ќе продолжат со предвидената динамика. Од ВМРО ДПМНЕ за сега не коментираат зошто се одлучиле на ваков чекор. Тие претходно денеска порачаа дека предлозите на Ванхауте за медиумската сфера се неприфатливи затоа што станува збор за решенија какви што нема во ниту една европска држава. Од друга страна, од СДСМ со став дека моделот на Ванхауте во најголема мера е во согласност со нивните предлози. Лидерот на партијата Зоран Заев, како што рече утринава, очекува ова прашање да биде решено до крајот на неделата и да има видливи резултати уште годинава.
– Зависноста на медиумите, знаат и малите деца од кој е, од страна на извршната власт. Продолжуваме со борбата да го исполниме и овој важен критериум без кој нема да имаме фер, регуларни и демократски избори. Во моментот, став на СДСМ и мој личен став е дека поголем политички непријател за нас како опозиција се медиумите како Сител, Канал 5, Алфа, Дневник и МРТВ. Вие не сте наши политички непријатели, вие сте медиуми кои меѓу другото се финансирани делумно и од пари на граѓаните, рече Заев.
Со оваа изјава Заев и СДСМ ги открија намерите зад тоталитарниот предлог за законот за медиуми, реагираа од ВМРО ДПМНЕ.
– За Заев и СДСМ медиумите биле нивни непријатели и затоа партијата одлучила дека треба да се пресмета со нив. Ова однесување е срамно, крајно недолично, недемократско, спротивно на сите европски стандарди и конвенции за слобода на изразување и информирање, истакна Александар Николовски од ВМРО ДПМНЕ.
Од Европската комисија со порака дека главниот резултат кој треба да произлезе од преговорите е слободата на медиумите.
– Нема да коментираме индивидуални изјави, но добро знаете дека ние ја поддржуваме слободата на медиумите. Работиме со многу земји во светот, вклучително и со БЈР Македонија, во однос на ова прашање. Исто така, ја знаете и последната состојба, која ја презентиравме во извештајот за напредокот на земјата, изјави Маја Коцијанциќ, портпарол на Европската комисија.
Најголеми несогласувања има околу дефинирањето на составот на Агенцијата за медиуми. Според предлогот на Ванхауте, седумте члена треба да ги бира Собранието по пат на јавен оглас, а кандидатите да бидат поддржани од новинарската фела, од невладиниот сектор или од универзитетите. Од ВМРО ДПМНЕ сметаат дека составот на ова тело треба да биде проширен, а по еден член да предложат и МПЦ, ИВЗ, претседателот на државата и Комисијата за заштита од дискриминација.