Skip to main content

Општина Охрид

“Во домот на Волшебникот” претстава за деца на 19 јули на сцената кај ТЦ Амам

Низ низа драмски ситуации во кои главната нитка е мудроста на волшебникот, наспроти денешното однесување на децата, претставата упатува порака: Со насилство НЕ, со дружба може СЕ!
 |  инфодеск  | 

На 19 јули на сцената кај ТЦ Амам во 20:00 часот, најмладите ќе имаат прилика да ја проследат театарската претстава за деца ,,Во домот на Волшебникот”.

Општина Охрид во рамките на програмата за култура оваа година активно работи на програма за нашите најмлади охриѓанчиња.

“Претставата е работена наменски и е посветена на децата. Токму овој период кога во регионот сериозно е видливо насилството помеѓу децата, а и кај нас, нужна е потребата преку театар да се прикаже дека за секој проблем и недоразбирање не е решение насилството, туку разговорот, меѓусебното подавање на рака, искреното пријателство.” – велат од Општина Охрид.

Низ низа драмски ситуации во кои главната нитка е мудроста на волшебникот, наспроти денешното однесување на децата, претставата упатува порака: Со насилство НЕ, со дружба може СЕ!

Во претставата има многу комичнини, едукативни, педагошки елементи, но што е најважно интеракцијата на децата од публиката е многу присутна.

Претставата изобилува со преубава музика, сценографија и костимографија.

Улогата на Волшебникот ја игра актерот Сашо Ристовски, а улогата на помошничката ја игра актерката : Магдалена Ризова-Черних ,улогата на девојчето ја игра Тамара Ангелеска.