„Вода = живот“ во Касарна Хаб, изложба на еколошки фотографии
Во Касарна Хаб во Охрид од среда 16 август, во 19ч. ќе биде поставена изложбата на фотографии „Вода = живот“.
Во 2022 година, во пресрет на климатскиот самит COP27 во Египет, Холандија ги повика ентузијастите за фотографија од целиот свет да создадат и споделат инспиративна и провоцирачка еколошка фотографија во фото натпревар „Вода = живот“. Од сите моќни слики, кои пристигнаа на натпреварот победи фотографијата на Томислав Георгиевски од Македонија направена во Црн Дрим во Струга.
„Водата е неопходна за животот на земјата. Светот се соочува со невидени климатски предизвици и многу од нив се поврзани со премалку и премногу валкана вода. Иако водата ја има насекаде, само 2,5 отсто од светската вода е свежа вода. Од оваа свежа вода, само мала количина (1 процент) е лесно достапна во езерата, реките и мочуриштата. Остатокот е заклучен во глечери (две третини) или скриена во подземните води (речиси една третина). Историјата, културата и иднината на Холандија се нераскинливо поврзани со водата. Затоа Холандија е посветена да ја вреднува водата како скапоцен и незаменлив ресурс.“ – велат организаторите на изложбата на најдобрите фотографии од натпреварот „Вода = живот“.