Волшебна новогодишна бајка со Биби и Боби во Центар за култура “Григор Прличев” – Охрид
Премиерата во Охрид на новогодишниот цртан филм „Звуците на Новата година“ од „Светот на Биби“ е закажана за 29 декември во НУ Центар за култура “Григор Прличев”.
Во цртаниот филм ќе дознаете што се случува со звуците на Новата година. Зошто ниедна мелодија не е како што треба и зошто се испревртени зборовите во сите песни на светот. На светот? Подобро речете – во целата бесконечна вселена. Но, ако мислевте дека нема кој да го реши проблемот – погрешивте. Биби, Боби, снешкото Гого, Дедо Мраз од Заз, роботчето Р1, но и мистериозните чувари на Заз се обединуваат да ја спасат целата музика во универзумот.
Режисери на филмот се Димитар Аризанов и Јосип Здравковски, а гласовите ги позајмуваат актерите Слаѓана Вујошевиќ, Сашко Коцев, Никола Ристановски, Сашка Димитровска и Дамјан Цветановски.