За малку Дејвид Гета ќе го направеа петулица
Белградскиот настап на познатата диџеј ѕвезда Дејвид Гета кој завчера вечер требаше да одржи диџеј-сет на Калемегдан, е откажан поради тоа што непосредно пред концертот се сруши покривот над бината, пренесуваат српските медиуми.
Покривот на бината се срушил во 18 часот додека на сцената предгрупата на концертот “Мистејк мистејк” имале тонска проба. Пејачката на групата Александра Крстиќ се здобила со повреди на главата, нејзината колешка Милана од групата ја повредила раката додека останатите членови на бендот останале неповредени.
-Во моментот кога бев на капијата за да влезам на концертот, покривот се сруши и несакаа да ме пуштат внатре. Се се случи за брзо време, се слушна силен тресок. Паднаа рефлекторите и бината се сруши – вели за “24 сата” еден од фановите на Дејвид Гета.
Сите приоди до местото нa концертот биле блокирани и на никој не му бил дозволен пристап, а обожавателите на Гета биле вратени од влезот.
Организаторите велат дека концертот ќе биде поместен за друг датум кој ќе биде објавен деновиве, а купените влезници ќе важат за новиот датум.
{loadposition content9}