Skip to main content

Започна меѓународниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери“

Повеќе од две децении, музичките таленти од земјава и светот, во Охрид, се натпреваруваат на Меѓународниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери“. Годинава, млади уметници се натпреваруваат во дисциплините дувачки инструменти и камерна музика
Охридски бисери натпревар

Звукот на дувачките инструменти на младите виртуози од земјава и Европа денеска се слуша во Охрид. По дваесет и втори пат нашиов град е домаќин на Меѓународниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери“. Од 15-ти до 18-ти јуни, млади уметници од десет држави се натпреваруваат во дисциплините дувачки инструменти и камерна музика. „Охридски бисери“ е единствен меѓународен натпревар од нашата земја, член на Европската асоцојација на музички натпревари и токму членувањето во ова здружение го издвојува натпреварот во однос на бројни други натпревари кои се одржуваат во нашата земја и во регионот. Овој натпревар со својот квалитет опстојува повеќе од две децении,  изнедрил  музички и педагошки имиња светски познати во своите класи.

„Па јас сум не задоволен, туку презадоволен од она што се случуваше во текот на овие 22 години. Јас би можел многу од нив да набројам на кој му била отскочна даска во неговиот понатамошен развој како во музички педагог или инструменталист. Сегашните добитници на тие негради, сега се врвни музичари и многу радо се сеќаваат на нивниот престој во Охрид со сите убавини кои ги има така и на натпреварот. Натпреварот во многу нешта се разликува од другите натпреавари, од 2005 г е член на ЕМСИ, каде има одредени стандарди кои мора да се почитуваат. Може лесно да се влезе, ама многу и лесно да се излезе од оваа европска асоцијација.“ – изјави за ТВМ Ѓорѓи Улишев, претседател на фестивалот.

Младите музичари од Бугарија, Хрватска, Германија, Грција, Полска, Романија, Србија, Словенија, Турција и од Северна Македонија, денес со своите настапи во салата на Општина Охрид беа следени од будното око на стручната комисија, составена од десет членови, врвни уметници и педагози по флејта, кларинет, обоа, саксофон, труба и хорна, од повеќе европски престижни музички академии, како и од Факултетот за музичка уметност од Скопје. Импозантен е фондот на награди за најдобрите, а особено значајна е и наградата на европската асоцијација на музички натпревари, која на добитникот му овозможува годишна промоција на веб страната, учества на мастеркласи и концерти во повеќе европски градови. Исто така, три германски фондации ќе доделат вредни парични награди.

„Годинава се вклучени неколку кои даваат не симболични, исто така вредни награди во различни дисциплини. Потоа имаме соработка со нашите  музички здруженија, Сојузот на композиторите и Сојзуот на музичките уметници на Македонија, кои покрај парични награди, даваат награди во форма на концертни настапи кои им помагаат во градењето на кариерата, на младите уметници.“ – изјави Викица Костовска Пенева, од организацијата на фестивалот.

„Охридски бисери“ е првиот организиран меѓународен натпревар во областа на класичната музика во Македонија, кој од 2002 година до денес поставува високи стандарди во однос на програмскиот концепт и строгата селекција на наградени учесници, па така, привлекува квалитетни млади уметници од целиот свет. Натпреварот „Охридски бисери“ се одржува под покровителство на Министерството за култура на РС Македонија и Градоначалникот на Општина Охрид.