Започна Зимското издание на јадранската фестивалска мрежа
Програмата на Зимското издание започна вчера, четврток, 22 јануари, со бесплатни кино проекции во Белград, Сараево, Загреб, Љубљана, Херцег Нови и Скопје.
Публиката на земјите-членки на Мрежата ќе има можност да погледне шест наградувани регионални филмови: „Семејна терапија” од Соња Просенц, „Fiume o morte!” на Игор Безиновиќ, „По летото” од Данис Тановиќ, „Мајка Мара” од Мирјана Карановиќ, „Живи и здрави” од Иван Мариновиќ и „Планета 7693″ од Гојко Бекуљан.

Како дел од овогодинешната програма, публиката ќе има можност да го погледне најдобриот европски документарен филм „Fiume o morte!” кој неодамна ја доби наградата на Европската филмска академија за најдобар европски документарен филм, како и наградите на Јадранските филмски награди (AFA) за најдобар филм, режија и сценарио.
Вчера во Скопје, како дел од кино програмата, во Синеплекс беше прикажан филмот „Мајка Мара” од Мирјана Карановиќ. Интимна драма за загуба, тага и неочекувана блискост помеѓу мајка и пријател на нејзиниот починат син.
-Не ми беше едноставно да ја направам приказната, да се напише сценариото бидејќи се занимавав со внатрешниот свет на една жена кој не е толку прецизно одреден со некое литерарно дело. Се почна од една театарска претстава во која толкував лик на жена која го изгубила синот и ми се допдна нејзината енергија. Долго го барав вистинскиот агол од каде можам да посматрам се она што и се случува на таа жена, а притоа јас да имам некаква врска со тоа. Таа како личност е сосема различна од мене, но она што ни е заеднично е како чувствува жената кога целиот свој живот ќе го вложи во некоја цел и потоа сето тоа го губи. Кога ќе го изгуби она што е врв на нејзиниото животно вложување. Беше емотивно и додека снимавме, рече синоќа пред македонската публика Мирјана Карановиќ и посочи дека овој филм на фестивалите не може да се натпреварува со некои филмови кои се повеќе комерцијални, но дека е среќна дека го снимила филмот. Таа во нејзиното обраќање истакна дека не се образувала да биде режисер, но во своите филмови сака да ги раскаже приказните од некој агол кој не е чест во кинематографијата.
Инаку, Зимското издание се реализира како заеднички проект на водечките филмски фестивали во регионот – Фестивалот на оригинални филмови во Белград, Филмскиот фестивал во Сараево, Меѓународниот филмски фестивал во Љубљана, Филмскиот фестивал во Загреб, Филмскиот фестивал во Херцег Нови и фестивалот „Браќа Манаки” од Македонија. Ова е четврто зимско издание на Фестивалската мрежа на Јадранскиот регион, организирано со цел поголема видливост, достапност и промоција на квалитетна современа регионална кинематографија.
Сите шест филмови ќе бидат достапни и онлајн преку платформата ondemand.kinomeetingpoint.ba.