Без физиотерапевти нема успешна физикална медицина
Професионалните терапевти немаат докторска титула, но тоа се луѓе кои идејата на докторот по физикална медицина ја реализираат во стварност.
Со години постои еден јаз помеѓу докторите и физиотерапевтите за тоа кој е позаслужен за рехабилитацијата на еден пациент. Во процесот на лекување на еден пациент потребен е мултидисциплинарен пристап, односно екипа од експерти кои учествуваат во процесот на рехабилитација. Само во тој случај резултатите се побрзи и по видливи.
„Како професија не сме многу признати, како прво во Македонија на луѓето не им е јасно што е физиотерапевт, многумина мислат дека сме само масери. Што е грешно мислење. Масажата е само еден дел процесот на рехабилитација на пациентот дали од превентивен или лекувачки карактер“ вели Далибор Стојановски претседател на „Здружение на физиотерапевти на РМ“.
Болката може да се совлада и со вежби со движења, мануелни техники, киропрактики, масажи односно начини кои на пациентите може да им помогнат да го избегнат внесувањето на лекови во организмот. Од година во година расте интересот кај пациентите на кои им е потребна продолжена нега, вели Михаил Шишкоски физиотерапевт од Охрид. Една од ординациите за физикална терапија која повеќе од пет години успешно функционира во нашиов град е ординацијата за физиотерапија, кинезитерапија и медицински масажи „Валео“. Шишкоски истакна дека неопходно е да се надмине бариерата помеѓу лекарите и физиотерапевтите во корист на добросостојбата на пациентите.
„Таа бариера ќе мора еданаш да се надмине, неопходна е соработка помеѓу докторите и физиотерапевтите. Ни ние можеме да работиме без нив ни тие без нас. Ќе мора да се зголеми таа соработка за да можеме да го пружиме нашето знаење и нивното знаење во корист на пациентите“ објаснува Шишкоски.
Под мотото “Продолжи да се движиш, движењето е живот“, деновиве во Стуга се одржува Вториот конгрес на физиотерапевтите на Македонија во организација на Здружението на физиотерапевти на Република Македонија (ЗФРМ). На конгресот присуствуваат светски познати физиотерапевти и здравствени работници блиски до физиотерапијата.