За избори ќе се „трча“, ама дали избори ќе има?
ВМРО ДПМНЕ одлучи да учествува на изборите распишани за 5-ти јуни, пренесува „Телма“.
ВМРО ДПМНЕ одлучи да учествува на изборите распишани за 5-ти јуни, пренесува „Телма“.
До крајот на рокот што истекува вечерва на полноќ, партијата ќе поднесе кандидатски листи во ДИК. Портпаролот Иво Котевски појасни дека ваква одлука е донесена уште синоќа на седниците на Централниот и на Извршниот комитет. Колку партии и се придружија на ВМРО ДПМНЕ во предизборната коалиција, кои се носителите на листи и кои се кандидатите за пратеници ќе биде соопштено по пријавувањето во Државната изборна комисија, веројатно доцна вечерва.
Другите три партии од лидерската четворка не учествуваат на изборите. На бројните прашања поврзани со изборот на нови пратеници, од ДУИ доаѓа само кус одговор:
-Нема да поднесеме листи за пратеници, изјави Бујар Османи од ДУИ.
И од ДПА не се многу разговорливи, но потврдуваат дека нема да поднесат листи.
-Уште одамна во неколку наврати сме се изјасниле дека нема минимум услови за одржување на веродостојни избори и дека нема да учествуваме на изборите на 5-ти јуни. Тоа значи и дека нема да поднесеме листи на кандидати за пратеници во ДИК изјави Луан Треси од ДПА.
Во СДСМ нема промена на ставот: Нема да учествуваат на избори кои ќе бидат нерегуларни.
До сега, единствена партија која поднесе кандидатски листи во ДИК е Народното движење за Македонија на Јанко Бачев.
Дежурна екипа на ДИК ќе ги очекува пријавите до полноќ. Потоа тече 48-часовен рок за проверка дали листите се поднесени во законскиот рок и дали содржат неправилности што подносителите треба да ги отстранат во рок од два дена.