Завршниот Мастерс квиз на МКА за оваа сезона ќе се одржи во недела во Охрид
Во организација на Македонската квиз асоцијација (МКА), во недела, на 10 мај 2026 година, со почеток во 11 часот, во просториите на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид ќе се одржи завршниот Мастерс квиз за оваа сезона.
–Овој настан, кој прерасна во традиција, по четврти пат го носи елитниот квизерски дух на македонската сцена токму во Охрид. Најдобрите квизаџии од земјата ќе имаат можност да ги одмерат своите знаења низ широк спектар на теми: култура, забава, историја, животен стил, медиуми, наука, спорт и свет. Секој учесник ќе одговара на вкупно 200 прашања, поделени во два дела со по четири теми и 100 прашања, а времето за решавање на секој дел е еден час. Автор на прашањата за овој квиз е Зоран Јорданов, човекот кој стои зад проекти како „Енигма“, „Бројки и букви“, „Листа за 300“ и многу други, порачуваат организаторите.
Сите заинтересирани можат да се пријават преку пополнување на формуларот за учество.


