Четкар на есен ја започнува големата азиска турнеа
Моментално најангажираниот културен амбасадор на Охрид во светот, охридскиот џез музичар Владимир Василески Четкар, вели дека денес, на Охрид речиси и да не му е потребна промоција во светот со оглед на големата популарност кој во последниве неколку години самиот ја стекна како култруна и туристичка дестинација.
Неговата кариера е позната насекаде во светот, за неговата музика и авторски труд статии објавиле престижни списанија, музички куќи и телевизии во Америка и во други држави. Минатата година во Англија негов албум беше прогласен од ’Soul Brothers Records‘ за еден од најдобрите за 2015 година. Владимир Василески Четкар моментално е најангажираниот културен амбасадор на Охрид во светот, но признава дека има лесна работа барем кога станува збор за промоцијата на нашиов град.
„Многу полесно е Охрид некако си се промовира самиот бидејќи Охрид е временски спој на природа историја, никој не останува рамнодушен. Можеби ние сме малку разгалени што го сфаќаме здраво за готово зошто тука секој ден го пијаме кафето, се шетаме по кејот, ама за човек кој прв пат ќе го види тоа сакам да им го кажам на луѓево, да има и други места, ама не толку убави, не поубави“ вели Владимир.
После концертот во рамките на манифестацијата „Бело лето“, со што официјално започнува неговата концертна сезона во Македонија, Владимир кон крајот на летото ја започнува својата голема азиска турнеја која треба да биде готова март месец 2017-та година. На неа тој не само што ќе биде првиот македонски, туку и првиот балкански џез музичар кој воопшто се претставил на азиските џез сцени.
„Заминувам 13-ти септември во Хонг-Конг, на меѓународниот фестивал, па во Бејшан Кина, па на џез фестивалот во Жунаи, па Банкок од каде продолжувам во Кореа на фестивалот Џарасун, каде ќе настапам на главната сцена на 1-ви октомври ина 3-ти октомври на светскиот џез фестивал во Сеул, тоа е само првиот дел од тие азиски концерти“ информира Василески.
Владимир Василевски-Четкар твори во САД од крајот на 1990-тите. Тој е музичар кој самостојно успеа да направи одлична кариера, тргнувајќи од студиите на Беркли, преку настапите во Њујорк и понатаму со настапи низ целиот свет. Освен во Њујорк, каде што седма година настапува на престижниот ’Блу ноут џез-фестивал‘, музиката ја презентира во повеќе земји и на специјализирани национални радија.