Skip to main content

ГФК Охрид Лихнидос

ГФК Охрид Лихнидос со демант: Ги повикуваме сите надлежни институции јавно да ги објават доказите за наводно примени пријави за сомнителни уплати и активности во текот на натпреварот со Работнички

ГФК Охрид Лихнидос со демант: Ги повикуваме сите надлежни институции јавно да ги објават доказите за наводно примени пријави за сомнителни уплати и активности во текот на натпреварот со Работнички
 |  инфодеск  | 

Македонскиот второлигаш ГФК Охрид Лихнидос се огласи по повод шпекулациите за наводна „местенка“ на пријателскиот натпревар против Работнички, на кој домаќинот победи со огромни 6 гола разлика, односно 8-2. 

Нивното соопштение го пренедуваме во целост.

Градскиот фудбалски клуб Охрид Лихнидос се оградува од сите невистини и јавниот линч кој што се случува во текот на денешниот ден. ГФК Охрид е амбициозен клуб и проект со највисоки цели а ние како клуб сме на пат да го оствариме тоа за што сведочат и досега остварените резултати со кои се наоѓаме на првото место во втората фудбалска лига. Професионална должност на сите медиуми е да ги проверат информациите пред истите да ги објават.

Во оваа прилика, би сакале да потенцираме дека во текот на целата сезона, ГФК Охрид беше цел на разни судиски неправди во голем дел од натпреварите а ние како клуб ниту еднаш не реагиравме и само сведочевме на нивната граница која што одамна беше надмината.

Ги повикуваме сите надлежни институции јавно да ги објават доказите за наводно примени пријави за сомнителни уплати и активности во текот на натпреварот со Работнички, во спротивно ќе сметаме дека ова е оркестриран напад од некој на кој што му пречи успехот на ГФК Охрид и ние како клуб сериозно ја разгледуваме можноста да превземеме соодветни правни механизми против сите инволвирани во оваа конструкција против нашиот клуб.

Всушност и во претходните денови, целокупната фудбалска јавност сведочеше на високи порази во контролните натпревари од страна на други екипи а никогаш не се постави прашањето околу некакви сомнителни активности.

ГФК ОХРИД секогаш се залага за фер и спортско однесување и никогаш не бил ниту ќе биде дел од некакви “задкулисни игри”.

ГФК Охрид им стои на располагање на Фудбалската Федерација на Македонија и на сите надлежни институции со цел правилно и целосно утврдување на фактичката состојба.

СО ПОЧИТ, ГФК ОХРИД

Инаку, оваа реакција доаѓа откако беше најавено дека Фудбалската федерација на Македонија ќе го истражува пријателскиот натпревар на кој беа постигнати дури десет голови.  Претходно денеска неколку екипи јавно соопштија дека ги откажуваат договорените пријателски натпревари со ГФК Охрид Лихнидос.