Skip to main content

Охридските стрелци со низа одлични пласмани на четвртиот Куп во гаѓање со воздушно оружје

Охридските стрелци од СК „Охрид“ и ЖСК „Лихнидос“ забележаа повеќе високи пласмани и освоија вицешампионски и бронзен пласман на четвртиот Куп во гаѓање со воздушно оружје во Скопје. Со освоените медали и добрите резултати, охридските натпреварувачи уште еднаш го потврдија својот квалитет, а веќе ги очекуваат нови меѓународни настапи во Бугарија и Србија.
 |  инфодеск  | 

Стрелците од охридските клубови СК „Охрид“ и ЖСК „Лихнидос“ остварија повеќе високи пласмани на четвртиот Куп во гаѓање со воздушно оружје – меѓународна програма, кој се одржа во Националниот тренинг центар во Скопје. На натпреварот, во организација на МССФ, учествуваа околу 80 натпреварувачи.

Во категоријата јуниори на пиштол, Иван Милевски од СК „Охрид“ го освои второто место со 530 кругови, идентичен резултат со првопласираниот натпреварувач, но со послаба последна серија. Климент Мостро од ЖСК „Лихнидос“ заврши на четвртата позиција, додека Никола Тодороски од СК „Охрид“ се пласираше на петтото место.

Кај сениорите на пиштол, Даниел Михајловиќ со 520 кругови го освои шестото место, а Велибор Балоски со 513 кругови заврши на седмата позиција.

Во конкуренција на јуниорки на пиштол, Стефанија Велјаноска од СК „Охрид“ го освои второто место со 524 кругови. Наталија Савеска од ЖСК „Лихнидос“ се пласираше на третата позиција со 521 круг, додека нејзините клупски колешки Милица Кочовска и Стефани Савеска завршија на четвртото, односно седмото место, со 518 и 491 круг.

Младата Теодора Мицкоска од СК „Охрид“ го освои осмото место со 489 кругови.

Успешен настап охридските стрелци имаа и во дисциплината воздушна пушка.

Кај јуниорките, Теодора Спироска од СК „Охрид“ го освои вицешампионското место со 587,5 кругови, додека Тамара Кичеец заврши на четвртата позиција со 576,5 круга. Ана Баулоска се пласираше на 11. место со 471,9 круга.

Во конкуренција на сениорки на пушка, Ива Маленко од СК „Охрид“ го освои петтото место со резултат од 591,9 круга.

Кај јуниорите на пушка, Кристијан Балоски заврши на седмата позиција со 584,3 круга, Јован Баулоски беше 11-ти со 574,3 круга, Марко Трпески го освои 15. место со 529,5 круга, додека Андреј Серафиноски се пласираше на 16. позиција со 464,9 круга.

Во категоријата сениорки на пиштол, Валентина Гоџоска од ЖСК „Лихнидос“ го освои третото место со 459 кругови.

Натпреварувачите од двата охридски клуба ги очекуваат нови меѓународни предизвици. Дел од нив претстојниот викенд ќе настапат на меѓународниот турнир „Пирин“ во Благоевград, Република Бугарија. За следниот викенд, пак, е планирано учество на охридските јуниори на престижниот „Walther Youth Cup“, кој ќе се одржи во Смедерево, Србија.