Skip to main content

Подготовки за новата сезона

Стефче Алушовски е нов главен тренер на ГРК Охрид

Градскиот ракометен клуб Охрид по завршување на сезоната, засилено се подготовува за натпреварувачката 2023/24.
 |  инфодеск  | 
ГРК Охрид Алушовски

Градскиот ракометен клуб Охрид по завршување на сезоната, засилено се подготовува за натпреварувачката 2023/24.

На тренерската позиција во новата сезона Гладијаторите ќе ги води 50 годишниот македонски стратег Стефче Алушовски, кој потпиша за ГРК Охрид до 2026 година.

Алушoвски својата тренерска кариера ја градеше во најдобрите македонски тимови РК Пелистер, РК Еурофарм Работник и РК Вардар, како и во исландскиот Тор Акурејри. Како играч има богата ракометна кариера во големите македонски тимови РК Пелистер, РК Јафа Промет, РК Вардар и Металург.

“Среќен сум што повторно после двегодишна пауза се враќам во македонакиот ракомет, а посебно затоа што го превземам амбициозниот проект на РК Охрид. Во разговор со градоначалникот на Охрид г-дин. Кирил Пецаков и се она што ми беше презентирано како идни планови на клубот претставуваат убав и голем предизвик за мене да сите заедно направиме од РК Охрид репрезент на градот кој несомнено сака спорт и знае што е квалитетен спорт. Среќен сум и возбуден бидејќи претстои макотрпна работа на сите во клубот да го доведеме РК Охрид на едно повисоко скалило односно клуб кој ќе настапува во Европа и достојно ќе го репрезентира македонскиот и охридскиот спорт.” – изјави новиот тренер на ГРК Охрид, Алушовски.

ГРК Охрид ангажираше и четворица македонски репрезентативци.

Големо голманско засилување на тимот е 29 годишниот гостиварчанец Даниел Ѓорѓески. Тој во ГРК Охрид доаѓа по одличните настапи на унгарскиот тим Будакалас, а пред тоа настапуваше за најсилните тимови во Македонија: Металург, РК Вардар и Пелистер каде што во овие тимови има настапи во европските купови и регионалната Сеха Лига.

Сино-белиот дрес следната сезона ќе го носи и македонското репрезентативно лево крило Гоце Ојлески. 33 годишниот Ојлески доаѓа од првакот на Македонија, Еурофарм Пелистер, а пред тоа има настапувано и за Вардар и Металург, како и за романскиот Одорхеи. Во својата кариера има настапи во европските купови и регионалната Сеха Лига, како и постојано член на Сениорската ракометна репрезентација на Македонија.

За Гладијаторите потпиша и одличното десно крило Никола Стоилевски. 24 годишниот Стоилевски имаше одлични настапи за Еурофарм Пелистер 2 во плеј-оф натпреварувањето. Пред тоа настапуваше за екипите на Еурофарм Пелистер, Металург и Бутел Скопје.

Најдобриот специјалист за одбрана во ракометна Македонијa станува Гладијатор. 35 годишниот Милорад Кукоски е новиот член на семејството на ГРК Охрид. Тој доаѓа од првакот на Македонија, Еурофарм Пелистер, а пред тоа има настапувано и за Металург, Зомимак и Вардар. Во својата кариера има настапи во европските купови и регионалната Сеха Лига, како и постојано дел од Сениорската ракометна репрезентација на Македонија.

Предходно ГРК ОХРИД потпиша со 19 годишниот босански репрезентативен голман Берин Бркиќ кој доаѓа од екипата на Борац Бања Лука и со левиот бек Теимураз Орјоникидзе. Грузискиот репрезентативен бек во Охрид доаѓа од екипата на Кокс, Финска.

ГРК Охрид им се заблагодари на: Александар Миленковиќ, Зураби Цинцадзе, Виктор Василевски, Балша Цејовиќ и Хазеин Рустамов кои нема да го носат сино-белиот дрес од следната сезона.