Од 19-ти до 27-ми август Охрид ќе биде домаќин на 17 спортски настани на вода во рамки на првото издание на Ohrid Water Festival.
– Во сабота на 19-ти август на базенот „Атина Бојаџи“ ќе се одржи „ОВФ Пливачки митинг“ во организација на ПК „Акваспирит“ Охрид. Истиот ден во претпладневните часови на Охридското Езеро ќе се одржи „Меѓународна охридска веслачка регата“ во организација на Веслачкиот клуб „Горица Ремо“.
– На 20-ти август во недела предвидени се два настани: „ICF 23 Трета Меѓународна Илинденска регата во кајак и кану на мирни води-Охрид 2023“ во организација на ККК „Стрмец“ и „Триатлон“ во организација на ТК „Три дисциплини“ Струга.
– Програмата продолжува во понеделник на 21-ви август кога ќе започне „1-ва Регатa околу Охридското Езеро“, во организација на „Меч Рејс Клуб“. Истиот ден на базенот „Атина Бојаџи“ во организација на Сојузот за училишен спорт од Охрид ќе се одржат „Водени лудории“, а во Охридското Езеро во организација на „СУП клуб“ Охрид ќе се одржи настанот „СУП јога“.
– Во вторник на 22-ри август во организација на ЕК „Акватика Јахтинг“ ќе започне Турнир во едрење „Експрес Селинг“ кој ќе трае два дена. Истиот ден, ќе се одржи „Трка со СУП“ во организација на „СУП клуб“ Охрид.
– Во организација на ПК „Охридски бранови 2008“ на 23-ти август во среда во водите на Охридското Езеро ќе се одржи „Пливачки маратон во далечинско пливање на 5км и 10км на отворени води“.
– Во четврток на 24-ти август во организација на Нуркачки центар „Амфора“ ќе се одржи Промоција на рекреативно нуркање за деца.
– Наредниот ден, на 25-ти август, петок предвидени се три настани. Во организација на ПК „Охридски бранови 2008“ ќе се одржи „Ревијален Ватерполо турнир 2023“, а ќе биде организирана и „Промоција на водени спортови“. Во организација „Јахтинг клуб ОЛС“ ќе се одржи настанот „Запознај го едрењето, заштити го езерото“.
– На 26-ти август, сабота ќе се одржи најголемиот традиционален спортски настан на вода во Охрид – „Охридскиот Пливачки маратон 2023“ кој ќе се плива на патеката Св. Наум-Охрид.
– Комплетната спортскo-рекреативна програма на вода ќе финишира во недела на 27-ми август со одржување на спортскиот настан „Акватлон“ во организација на АК „Охрид трчат“ и „Регатата со традиционални охридски кајчиња“ во организација на ВК „Горица Ремо“.
Повеќе детали за сите настани, за времето и локацијата на одржување може да добиете на следниот линк или на официјалната веб страна на настанот.