Вечерва по 25-ти пат ќе бидат отворени Зимските олимписки игри. Организацијата на игрите била доделена на заедничката кандидатура на Милано и Кортина д’Ампецо на 134. заседание на Меѓународниот олимписки комитет (МОК) одржана во Лозана на 24 јуни 2019 година, победувајќи уште една заедничка кандидатура на Стокхолм и Оре. Ова се првите олимписки игри коишто официјално имаат два града домаќини; Милано главно е домаќин на натпреварите на лед, додека останатите натпревари се одржуваат во околината на Кортина, како и во долините Валтелина и Фјеме. Со тоа, ова се третите зимски и вкупно четвртите олимписки игри коишто се одржани во Италија, додека Кортина д’Ампецо по втор пат е домаќин по Зимските олимписки игри 1956.
На Зимските олимписки игри 2026 се очекува да се одржат 116 натпревари во 16 дисциплини, што претставува зголемување за седум натпревари и една дисциплина во споредба со игрите во 2022. Нови натпревари се машките и женските двојки во спуштање по грпки во слободно скијање, враќањето на машките и женските двојки во санкање (како замена за отворениот натпревар во двојки), машките и женските екипни трки во алпска комбинација, женскиот натпревар во скијачки скокови на големата скокалница и мешаната екипна штафета во скелетон. Игрите имаат највисоко учество на женски учесници од 47% во историјата на Зимските олимписки игри Нордиската комбинација останува единствениот спорт во којшто се натпреваруваат само мажи.
На отворањето музички настапи ќе имаатамериканската пејачка Мараја Кери, како и италијанските уметници Лаура Паузини и Андреа Бочели.
Зимските олимписки игри ќе се одржат во Милано, Валтелина (Бормио, Вал ди Сото, Ливињо), во Кортина (Антерселв/Антхолц) и Вал ди Фиеме (Предацо, Тезеро).
Македонскиот олимписки комитет (МОК) соопшти дека четворица натпреварувачи ќе ја претставуваат земјава. Тоа се четворица олимпијци и олимпијки: Ана Цветановска (норидско трчање спринт и интервал старт 10км), Ставре Јада (дисциплини спринт и интервал старт 10 км), Јана Атанасовска (слалом и велеслалом) и Виктор Петков (велеслалом).