Петар Цеков од ПK „Вардар” и Сара Јанковиќ од ПK„Скопје” најуспешни на Илинденскиот пливачки маратон
Петар Цеков од Пливачкиот клуб „Вардар“ и Сара Јанковиќ од пливачкиот клуб „Скопје“ се победници на главната трка на годинешниот традиционален Илинденски маратон што по 45-ти пат денеска се пливаше во водите на Охридското Езеро.
Во конкуренција од шеесеттина пливачи од земјава и странство, тие утрово први во својата категорија ја испливаа патеката долга 2,5 километри од кај плажата „Горица 1“ до градскиот Кеј.
Петар Цеков постигна време од 29.19.53 минути.
– Честит Илинден на сите Македонци. Чест ми е да бидам дел од Илинденскиот маратон, чест ми е што победив. По четврт пат го пливам, изјави Цеков.
Најбрзата во женска конкуренција, Сара Јанковиќ патеката ја преплива за 32.18.68 минути.
-Честит Илинден. Супер е . Тренираме за време на летниот распуст за маратони. Супер е чувството. Водата е пријатна за пливање и времето е убаво, изјави Јанковиќ.
Најдобри од охридските пливачи беа Ведран Томчев од ПК “Аква спирит” и Валентин Тренески од ПК “Охридски бранови”.
-Имам 17 години, прв пат го пливам маратонов и ми претставува голема чест што го испливав. Иаконе сум маратонец ова искуство за мене беше одлично и би дошол пак да испливам со подобро време, изјави Ведран Томчев од ПК “Аква спирит”
– Исто имам 17 години. Петти маратон ми е ова што го пливам и супер е. Едно добро искуство е, изјави Валентин Тренески од ПК “Охридски бранови”.
Наградите на најдобрите пливачи им ги врачи претседателот на Советот на Општина Охрид Перчо Божиновски.
„ Огромна е честа и задоволството да се присуствува на овој традиционален Илинденски маратон којшто секоја година по повод големиот празник Илинден се одржува во водите на Охридското езеро. Пливањето како спорт којшто навистина е значаен за Охрид , којшто треба да се негува од млади години, а воедно со овој настан даваме и пиетет на празникот Илинден, како и промоција на самиот град и на негувањето на здравиот спортски дух кај младите.“ – изјави Божиновски.
Брендон Мек Кинли е македонски зет кој секоја година со семејството доаѓа во Охрид токму за одржувањето на маратонот и неколку години и учествува во трката.
– Ова е прекрасен настан. Ми се допаѓа натпреварувачкиот дух кај сите овие деца, кај клубовите. Многу сум среќен што сум дел од овај маратон. Им благодарам на сите што учествуваат во неговата организација, кажа Мек Кинли.
Маратонот се одржува во организација на Клубот за спортови на вода „Охридско бранови 2008“ под покровителство на Советот на Општина Охрид. Илинденскиот пливачки маратон за прв пат се одржал пред 70 години. На првата трка победил познатиот македонски пливачки маратонец Нико Нестор.
-Традицијата за малиот пливачки маратон датират од 1954-тата година на иницијатива на група ентузијасти Александар Леко Радич,Славе Филев, Нико Нестор, Цане Паскали, Карадимче и други. Како куриозитет ќе го земеме 83 година како податок Билјана Стајковиќ победила на тој маратон и денеска истата, значи 2024 година зема учество,ќе плива на денешниот маратон, кажа Кочо Паскали-ПК „Охридски бранови”.
Илинденскиот пливачки маратон на Охридското Езеро е третата трка од Македонскиот куп во далечинско пливање.