Треба да создаваме можности и инфраструктура за да спортуваат лицата со инвалидитет
Спортувањето е важно за секој поединец и не е ексклузивитет само за здравите лица. Телесните активности се исто толку важни, ако не и повеќе, за лицата со инвалидитет, програмирани соодветно на нивните можности. Параолимпискиот комитет на Македонија има програма со повеќе спортови и активности и прави напори да ги привлече лицата со инвалидитет да спортуваат. Викендов во Охрид се одржа меѓународен турнир во кошарка со колички, на кој настапи нашиот единствен клуб во овај спорт.

„За лицата со некоја попреченост многу се значајни. Секоја спортска активност е многу значајна за правилно држење на телото и за функционирање на лицата со попреченост. Овој спорт посебно е специфичен бидејќи гледате како е динамичен и е многу социјален затоа што не дозволува себично играње во тимот.“ – вели Горан Спасов – кошаркар во количка.
„Ние многу тешко се справуваме со оваа работа за да најдеме млади деца да почнат да спортуваат. Правиме семинари , обуки, објавуваме прилози во насока да ги извлечеме децата од дома , да не седат на компјутер и на телефон туку да почнат да спортуваат. За жал многу е мал одзивот, гледате дека структурата на нашите играчи како старосна граница е малку повисока. Но такви се условите во кои живееме. Ние ќе продолжиме понатамну. Благодарност до поранешната Агенција за млади и спорт, а сега Министерство за спорт што финансиски ја поддржа оваа пилот програма за да почне кошарката во колички да се развива во Македонија.“ – вели Драган Дојчиноски – Генерален секретар на Параолимпски комитет.

Проблемот за вклучување на лицата со инвалидитет во спортот не е карактеристичен само за Македонија. Со него се соочуваат и во земјите од регионот.
„ Едноставно нема мотивираност, нема доволна информираност , немаат поддршка од семејството или локалната самоуправа без оглед каде живеат и секој момент каде може нешто добро да се каже за тоа во медиумите ја подобрува мотивацијата, нивната заинтересираност и информираност да почнат да се занимаваат со било кој спорт.“ – изјави Проф. д-р Марко Александровиќ – Факултет за спорт и физичка култура Ниш.
Покрај надминување на психолошките бариери за вклучување на лицата со инвалидитет во некоја спортска активност неопходно е решавање на архитектонските бариери за овие лица да можат да имаат движење, пристапност и социјализација.
„ Голем проблем е пристапноста за лицата со попреченост , тоа постојано го потенцираме на надлежните институции. Архитектонските бариери се најголем проблем за нас кои имаме физичка попреченост. Правиме напори, работите се поместуваат, но многу бавно. Ништо не е онака како што треба да биде системски решено. Голем проблем е , тоа ги ограничува лицата со попреченост да останат дома и да не се вклучуваат во социјални активности и спортски и тн.“ – вели Спасов.

Формирањето на Клубот за кошарка во колички Хоуп спорт е пионерски чекор кон додавање на уште еден спорт во програмата на Параолимпискиот комитет, покрај стрелаштво, атлетика, пинг понг и др. Македонија втора година по ред е домаќин на меѓународен турнир во овај спорт и организаторите се надеваат дека во наредниот период организационите капацитети за кошарка во колички и бројот на играчи ќе се зголеми.