Најдобриот македонски атлетичар Дарио Ивановски победи на денешниот Скопски Виз ер маратон во машка конкуренција, кој во драматичен финиш, во последните два километри од трката го помина фаворизираниот Кениец Џулиос Кипкоеч и целта ја мина за време од 2 часа 14 минути и 50 секунди. Кениецот ја освои втората позиција со резултат од 02:15:20 часа, а третото место му припадна на Грузиецот Давити Каразишвили со време од 02:24:48 часа.
Ова е втора победа за Ивановски на Скопскиот маратон, откако претходно прв ја мина целта во 2021 година. Со оваа победа најдобриот македонски маратонец стана и балкански и национален шампион.
Во женска конкуренција втора година по ред победи Кенијката Ирине Черуто со резултат од 2 часа, 38 минути и 31 секунда. Втора на целта пристигна Бугарката Маринела Нинева (2.45.36 часа), резултат кој и ја донесе и балаканската титула, додека третото место и припадна на Ана Јусупова од Азербејџан со време од 2:36:13 часа.
-Најважно ми е да ги бранам боите на Македонијa. Навистина ми беше задоволство да трчам пред македонските навивачи. Благодарност до сите кои веруваа во мене и кои ме поддржуваа и кога паѓав и кога бев најдобар. Со оваа победа сакам да испратам порака до сите, да престанат да не гледаат како губитници. Сите нека знаат дека и во Македонија има победници и ова воедно нека биде и порака и до младите. Се уште не можам да кажам ништо за моите идни планови, но повеќе од сигурно е дека ќе се почестам со еден голем бургер и некое убаво слатко за да си ја вратам енергијата, изјави Ивановски по победара на Скопскиот маратонон.
Инаку годинашното издание беше рекордно, бидејќи на трките низ главниот град настапија над 14.000 натпреварувачи од 58 земји.
Фото: Слободен Печат