Skip to main content

Давид Велковски дел од Европскиот семинар за врвни Таеквон-До судии

По успешно завршениот семинар, Велковски, како интернационален судија, ќе учествува  на претстојното Европско првенство во Таеквон-До ИТФ, што ќе се одржи во Хераклион, на островот Крит во Грција.
 |  инфодеск  | 

Давид Велковски, интернационален судија во Таеквон-До ИТФ и претставник на Македонската традиционална таеквондо федерација (МТТФ), учествуваше на Европски семинар за судии што се одржа во Бугарија.

Овој семинар претставуваше одлична можност за професионално усовршување и размена на искуства со врвни судии од цела Европа.

Семинарот беше организиран под покровителство на Бугарската Таеквон-До ИТФ федерација, а предавач беше Гранд Мастер Гери Милер, носител на црн појас 9-ти дан и еден од најпочитуваните експерти во Таеквон-До заедницата. Неговите предавања и практични насоки беа насочени кон подобрување на судиските стандарди, правилната интерпретација на правилата и унапредување на судењето на меѓународни натпревари. Учесниците имаа можност да ги надградат своите знаења, да дискутираат за предизвиците во судењето и да се усогласат со најновите стандарди во Таеквон-До ИТФ, информираат од МТТФ.

По успешно завршениот семинар, Велковски, како интернационален судија, ќе учествува  на претстојното Европско првенство во Таеквон-До ИТФ, што ќе се одржи во Хераклион, на островот Крит во Грција, во периодот од 19 до 26 април. На ова првенство ќе учествува и Македонската традиционална таеквондо федерација со свои претставници, со што дополнително се потврдува активното учество и присуство на Македонија на европската таеквондо сцена.