Вчеравечер на пригодна свеченост во дворот на ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“ беа доделени дипломите на матурантите од генерацијата 2023-2024 година.
Во името на Локалната самоуправа пред присутните свое обраќање имаше Ана Крстеска, заменик градоначалник на Општина Охрид.
-Чест и задоволство ми е што имам можност да бидам денеска тука, да ја почувствувам оваа прекрасна енергија и заедно со вас да ја споделам радоста на овие неповторливи мигови исполнети со гордост и исчекување. Ова е навистина свечен чин, бидејќи нашите матуранти денеска го добиваат својот билет за иднината, а тоа е дипломата за завршено средно образование, која претставува резултат на голем труд и симбол на еден нов почеток. Драги матуранти, вашата диплома е сведоштво на вашите напори, на вашата способност да ги совладате предизвиците и да се движите кон своите цели. Во време на брзи технолошки промени, техничките струки играат клучна улога во создавањето на нашето идно општество. Вашето образование во техничките области не е само усмерување кон една професија, туку и средство за решавање на комплексни проблеми и градење на иновации, кои ќе го обликуваат индустрискиот развој. Во овој контекст, дуалното образование кое се спроведува во ова училиште претставува мост помеѓу теоријата и практиката, овозможувајќи ви да стекнете реални вештини и искуства кои ќе имаат непроценлива вредност во вашите идни кариери. Во оваа прилика ја изразуваме и нашата искрена благодарност до наставниците, кои со својата стручност и посветеност ги подготвија овие ученици за понатамошното животно патување. Вашата работа не се мери само со часовите поминати во училницата, туку со инспирацијата и мудроста кои им ги пренесовте на овие нови генерации. Исто така упатувам и признание до родителите за нивната непроценлива поддршка. Љубовта и вербата во вашите најмили им дава сила да се соочат со предизвиците и да ги остварат своите соништа. Како што рекол големиот светски научник Алфред Нобел, „Секој успех е само почеток на нов предизвик“. Со оваа диплома, драги матуранти вие сте подготвени да го освојувате светот, да ги откривате новите можности и да го следите својот пат со самодоверба и амбиција. Во мое лично име и во името на градоначалникот Кирил Пецаков упатувам искрени честитки и најубави желби за сите вас. Нека оваа диплома биде водич во вашите идни чекори. Патот пред вас нека биде исполнет со можности и веруваме дека ќе го искористите секој момент за да го реализирате својот потенцијал. Бидете живи и здрави и гордост за нашиот Охрид, истакна Крстеска во своето обраќање.