Skip to main content

Прецизно слетување

Европски куп во параглајдеризам во Охрид

Во следните денови педесеттина параглајдеристи од врвен ранг ќе ги одмерат своите вештини. Во дисциплината „прецизно слетување“ параглајдеристите ќе полетуваат од Галичица, а ќе слетуваат на спортскиот центар „Билјанини Извори“.
 |  Валентина Неловска  | 
paraglajderizam kup

Охрид од денес, па се до 1-ви мај е домаќин на Европскиот куп во параглајдеризам во дисциплината „прецизно слетување“. Педесеттина параглајдеристи од 10-тина европски земји ќе ги одмеруваат вештините полетувајќи од Галичица и слетувајќи на СРЦ „Билјанини извори“.

Градоначалникот Кирил Пецаков им упати честитки на организаторите на натпреварот, охридскиот ПК Флај и Воздухополовната федерација на Македонија, а притоа им посака успешен спортски настан.

Охридската Локална самоуправа и јас како градоначалник ќе бидеме подготвени за соработка и поддршка на ваквите настани. Тие ќе придонесат во развојот на Охрид како интересна туристичка дестинација за алтернативен туризам – истакна Кирил Пецаков, охридскиот градоначалник.

Мартин Јованоски од Воздухопловната Федерација на Македонија, кажа дека за првпат се организира Европски куп на параглајдеризам во Охрид. Досега биле организирани голем број натпревари во Македонија, но на други локации.

Организаторите, со помош на Локалната самоуправа се надеваат дека ваквите настани ќе бидат побројни во иднина. Нивните планови се Охрид да биде домаќин и на други Европски и Светски купови, но и привлечна дестинација за Европски и Светски првенства.

Со организацијата на овој спортски настан ќе придонесат за развој на активниот туризам на градот, а со помош на временските услови ќе се презентираат во најдобро светло убавините на Охрид и Галичица.

Најголемите светски имиња од топ 3 од светската ранг листа се присутни на настанот. Тоа го прави значаен настан. Секако, ќе помогне за промоција на Охрид, но и на македонските натпреварувачи за да освојат подобри поени. Македонија има мал број на параглајдеристи во споредба со некои Европски земји, но има врвни натпреварувачи од светски ранг – кажа Јованоски.

Во земјава, параглајдеризмот станува се повеќе избор на младите луѓе кои ги сакаат адреналинските спортови. Во овој спорт има 150 натпреварувачи кои доаѓаат од 30 параглајдерски клубови. Од нив, 20 се активни клубови, а има три параглајдерски школи.

Досега, македонските параглајдеристи имаат забележителни успеси освојувајќи прво место на Светската ранг листа и четири светски рекорди.