Skip to main content

Охрид домаќин на 15. Фер Плеј Куп, повеќе од 1.500 млади фудбалери од седум држави

Фер Плеј Куп низ годините прерасна во препознатлив спортски настан во Македонија и на Балканот, како и во еден од турнирите кои со својата организација и масовност привлекуваат голем број младински екипи од регионот.
 |  инфодеск  | 

Од 20 до 23 август, на спортскиот комплекс „Билјанини Извори“ во Охрид ќе се одржи 15. издание на Фер Плеј Куп, традиционалниот меѓународен турнир во детски фудбал.

Годинава на турнирот ќе учествуваат околу 100 екипи од седум држави, што претставува уште една потврда за растот и значењето на Фер Плеј Куп на регионално ниво.

Во текот на четирите турнирски денови, на терените на „Билјанини Извори“ ќе продефилираат повеќе од 1.500 млади фудбалери. Турнирот ќе понуди голем број натпревари, но и можност за дружење, стекнување нови пријателства и размена на спортски искуства меѓу младите фудбалери од различни земји.

Фер Плеј Куп низ годините прерасна во препознатлив спортски настан во Македонија и на Балканот, како и во еден од турнирите кои со својата организација и масовност привлекуваат голем број младински екипи од регионот.

Покрај натпреварувачкиот карактер, посебен акцент и годинава ќе биде ставен на фер-плејот, спортскиот дух и развојот на младите фудбалери.

Охрид во наредните четири дена ќе биде во знакот на детскиот фудбал, а 15. Фер Плеј Куп се очекува да донесе многу возбудливи натпревари, голови и незаборавни моменти за најмладите учесници.

Настанот има значење и од туристички аспект, бидејќи во финишот на туристичката сезона во Охрид привлекува голем број гости и посетители од земјата и регионот.