Skip to main content

Фудбал

ФИФА ги „уби“ надежите на Италијанците за СП

Италијанците веќе немаат никакви шанси, иако во јавноста се појави информација дека тие би можеле да се пласираат на Светското првенство како репрезентација со највисок рејтинг, со оглед дека на Иран му се закануваше суспензија и елиминација од Мундијалот.
 |  инфодеск  | 
Италијански фудбалери

ФИФА нема намера да го исфрли Иран од СП во Катар, со што пропаднаа и последните надежи на Италијанците дека ќе бидат дел од најголемата светска фудбалска смотра.

Италија, како актуелен европски првак, не успеа да го мине баражот за пласман на мундијалот. Кобен за нив, во полуфиналето, беше македонскиот репрезентативец, Александар Трајковски и неговиот гол во 92.минута.

Италија се надеваше дека ФИФА ќе го елиминира Иран, бидејќи на последниот натпревар на оваа репрезентација, против Либан, на 2.000 жени им беше забрането да влезат на стадионот во Машдад.

Фудбалер Италија

Жените имале билети за натпреварот, меѓутоа организаторот не им дозволи да влезат на стадионот. Тие протестираа пред стадионот, а нивниот протест полицијата го растури со солзавец.

Снимките кои се проширија на социјалните мрежи предизвикаа големи критики во светската јавност.

Сепак, Иран не доби никаква казна од ФИФА. Од Светската куќа на фудбалот соопштија дека никогаш не размислувале да го исфрлат Иран од СП.

Никогаш не разговаравме на оваа тема. Дури и да го елиминиравме Иран, на СП ќе играше некоја друга репрезентација од Азија. Да ја исфрлиме од главите оваа луда идеја дека Италија имаше шанси да оди во Катар. Тоа е невозможно. Тоа е утопија – изјавила Евелина Кристилин, членка на Одборот на ФИФА.