Ракометарите на Вива Турон Киелце го освоија насловот првак на Европа откако во финалето во Келн во неверојатен натпревар славеа против унгарскиот Веспрем со подобро изведување на седмерци 39-38 (35-35, 29-29, 17-13).
Полјаците за прв пат играа едно финале и дојдоа до насловот првак на Европа, додека Веспрем го загуби своето трето финале, но ова ќе го памети бидејќи 15 минути пред крај имаше девет голови предност за да во последните секунди од регуларниот дел да прими гол со кој Полјаците се изборија за продолжение.
Унгарците водеа од самиот почеток и на полувремето беше 17-13. На средината од вториот дел поведоа со 29-18 и се чинеше дека тоа е крај на неизвесноста во финалето. Сепак Киелце се врати од мртвите, се разбрани голманот Жмал, а Унгарците останаа повеќе од 10 минути без гол, па четири минути пред крај Бјелецки од седмерец носи израмнување на 28-28, заклучувајќи ја неверојатната серија на Полјаците од 9-0.
Потоа , Алиловиќ му брани седмерец на Бјелецки на две и пол минути пред крајот, а Илиќ погодува за 29-28 за Веспрем. Минута и пол до крајот Алиловиќ овој пат му брани седмерец на Штрлек, а во драматична завршница Лијевски погоди на 4 секунди пред крајот за 29-29 и продолжение.
Во продолжението се играше гол за гол но овој пат Веспрем се спаси во последните секунди со голот на Угалде и резултат 35-35.
Во седмерците повеќе среќа имаа Полјаците и победија со вкупен резултат од 39-38. Најдобри стрелци кај Киелце беа Рајхман (9) и Бјелецки (7), а кај Веспрем Угалде (7), а Илиќ, Палмарсон, Нилсон и Наѓ по 6 погодоци.
Во натпреварот за третото место ПСЖ го совлада германскиот Кил со 29-27 и го освои третото место на завршниот турнир. Хансен со 10 погодоци го предводеше ПСЖ до победата а кај противникот најдобар стрелец беше Спренгер со 7 погодоци.