Гладијаторите подготвени за дуелот со Прилеп
По минималниот стартен пораз од Бутел, новиот проект на ГРК Охрид на свој терен треба да го покаже својот квалитет против Прилеп. Новиот ростер на играчи секој ден се повеќе се воигрува и преостанува времето да го покаже квалитетот што го поседуваат гладијаторите.
Играчите нескриено потенцираат дека се фаворити на утрешниот дуел.
Утре ни доаѓа екипата од Прилеп која воопшто не е за потценување. Составена е од неколку искусни играчи и млади играчи кои сакаат да се докажуваат. Имаат добра транзиција и треба добро да изиграме во одбраната. Со лесни голови од контра и полуконтра да докажеме дека сме фаворити во овој натпревар – истакна ракометарот Иван Тасески на денешната прес конференција.
Грузиското дуо Рустемов – Цинцадзе, кое оваа година дојдоа во Охрид токму од Прилеп, добро го познава утрешниот противник.
Натпреварот ќе биде интересен затоа што имаат искусни добри играчи со кои имам играно две години. Се надевам дека ќе завршиме работа како што планиравме затоа што сме фаворити во утрешниот натпревар. Имаме доста квалитетни играчи кои можат да ни донесат три бодови утре – кажа Казеин Рустамов.
Грузискиот репрезентативец потврдува дека комуникацијата на играчите е на солидно ниво иако клубските бои ги бранат играчи од Србија, Црна Гора, Турција и Грузија.
Покрај овој дуел управата на клубот има обврски и за недела кога е закажан Суперкупот помеѓу Вардар и Еурофарм Пелистер. Ова дерби секогаш е полно со емоции особено кога на трибините ќе ги има навивачките групи од двата града кои во Охрид треба да пристигнат во значителен број.
Нас ни е особена чест и задоволство што Вардар и Еурофарм ќе се сретнат во салата во СРЦ „Билјанини извори“. Организацијата со РФМ е во најдобар тек. Ова е натпревар од голем ризик, но мислам дека ќе уживаме во ракометот и реално тој што е подобар нека победи. Сакаме да се покажеме како добар организатор, имаме голема поддршка од градоначалникот за организација на Суперкупот и се надеваме, зошто да не, и во наредните години да се одржува во Охрид – изјави Славчо Ристески, спортски директор на ГРК Охрид.
Радува фактот што иницијативата за организирање на ваков натпревар дошол од двата клуба, па во координација на Ракометната федерација на Македонија, Охрид ќе го слави најдоброто од македонскиот ракомет.