Заврши и овогодинешниот Турнир во гаѓање со воздушно оружје ,,Илинден 2023“ во организација на стрелачки клуб ,,Охрид” од Охрид, кој и оваа година беше под покровителство на Општина Охрид и Македонската спортска стрелачка федерација. И оваа година како и изминатите учество зедоа речиси сите клубови од државата и три стрелачки клубови од Бугарија: ,,Санел” од Сандански, ,,Пирин” од Благоевград и ,,Тракиа” од Пловдив со околу 60-ттина стрелци од сите возрасни категории. Од оправдани причини своето учество го откажаа клубовите од Србија, Босна, Црна Гора, Косово и Албанија (поради користење на годишни одмори).
Во исклучително силна конкуренција, стрелците од охридските клубови и овoјпат успеаја да освојат голем број на медали, како и пехар за најуспешен спортски клуб.
Во категорија јуниори пушка репрезентативецот Бојан Спасеновски од ЖСК ,,Лихнидос” со најдобар резултат на натпреварот од 611, 7 круга, се закити со златен медал. Во истата категорија, Кристијан Балоски од СК ,,Охрид” кој од оваа година стана и стипендист на АМС, се пласира на третата позиција со резултат од 593,5 кругови.
Во категорија јуниорки пушка Теодора Спироска од СК ,,Охрид” се пласира на седмата позиција со резултат од 577.4 кругови, Драгана Локоска на десетата позиција, Калина Чепуњоска на 11-тата и Сара Цикуш на 13-тата позиција.
Во категорија на помлади јуниори (до 15 год), во дисциплината воздушна пушка, младиот и надежен Бора Каќел од ЖСК ,,Лихнидос” се закити со златен медал со резултат од 380,8 кругови (мала серија). Неговиот клубски другар Климент Мостро кој исто така од оваа година е стипендист на АМС се закити со златен медал во дисциплината воздушен пиштол со резултат од 364 кругови. Иван Милевски од СК ,,Охрид” е третиот стипендист на АМС од оваа година и истиот на овај Турнир беше второпласирен во дисциплината воздушен пиштол-помлади јуниори со резултат 347 кругови.
Во дисциплината воздушен пиштол-јуниорки, Стефанија Велјаноска од СК ,,Охрид” се пласира на вицешампионската позиција со резултат од 523 круга. И таа од оваа година стана стипендист на АМС. Во истата категорија Стефани и Наталија Савески се пласираа на на 4-тата односно 5-тата позиција. Во конкуренција на сениори пиштол Велибора Балоски од ЖСК ,,Лихнидос” не успеа да застане на пиедесталот , па мораше да се задоволи со со 4-тата позиција со резултат од 525 кругови, односно три помалку од третопласираниот. И за самиот крај, тренерот на двата стрелачки клуба од Охрид, како и од неодамна Селектор на македонската спортска стрелачка федерација Валентина Гоџоска, со својот симболичен настап, кој служи само како поттик за младите спортисти, се закити со златен медал (без конкуренција) и со тоа му обезбеди на клубот ЖСК ,,Лихнидос„ освојување на 2-ро место за најдобар спортски клуб на Турнирот.