Skip to main content

Голем ден за Зинедин Зидан на клупата на Реал Мадрид

Зидан е личност која е ладна спрема играчите и алергичен на медиуми

 |  инфодеск  | 

Денес е голем ден за француската ѕвезда, фудбалерот Зинедин Зидан. Тој по прв пат во својата тренерска кариера, како главен тренер, ќе го води тренингот на Реал Мадрид, екипа во која ја заврши својата кариера и со која освои сѐ освен шпанскиот кралски куп. Зидан има пет дена да го поправи бродот кој под водство на Рафа Бенитез го допре дното на длабокиот океан. Во сабота легендарниот Француз ќе го има своето деби против Депортиво на Сантијаго Бернабеу, истата екипа која неодамна украде бод на Ноу Камп, на Барселона.

Зидан како тренер се очекува да ги покаже истите карактеристики како играч. Ќе наметне напаѓачки фудбал, во систем 4-2-3-1 или соодветно на противникот и резултатот, 4-1-4-1. Во секој случај ќе игра без дефанзивен играч за врска, барем така работеше во Кастиља, односно Реал Мадрид (Б) кој го водеше во третата лига на Шпанија.

На тренинзите ќе се фокусира на работа со топка и нема да ги дави играчите со тактички замисли како што правеше неговиот претходник. Шпанците му најдоа две, односно три замерки.

Првата е дека често знае да изненади со промени во составот и неочекувано да го остваи најдобриот фудбалер на клупа, ако така замислил.

Другата е тоа дека неговата екипа често знае да исчезне од теренот, односно доживува црни дупки во играта и за кратко време да прими неколку голови.

И третата замерка е тоа што не разговара со играчите, односно тоа го прави многу ретко. Така барем раскажал негов поранешен играч, а на тоа наведуваат и некои негови изјави.

“Зидан е посебен лик. Понекогаш неговите зборови имаат големо влијание, но понекогаш не говори со нас и по неколку месеци. Пред натпревар никогаш не вика како некои негови колеги. Неговите монолози и дијалози се многу ладни”, раскажал неименуваниот играч кој работел со Французинот.

Зидан, исто така, е лик кој е алергичен на медиуми и микрофони, па така целата прва сезона на клупата на Кастиља ги избегнуваше конференциите за новинари веднаш по натпреварот. Французинот, исто така, е тренер кој сака да патува на самиот ден на натпреварот.

Неговата ера на клупата на Реал Мадрид започнува денес…