Помалку од еден месец пред почетокот на новата сезона на Формула1 системот на квалификации за трката ќе биде изменет и би требало да гарантира повеќе неизвесност.
Во интервјуто за Reuters првиот човек на Ф1, Берни Еклстон, ги потврди промените околу кои се согласиле сите екипи, а кои треба да ги потврди и Меѓународната автомобилска федерација (FIA).
Во новопредложениот формат најспорите возачи би требало да бидат елиминирани за време на возењето, а не на крајот од секоја фаза на квалификациите како што беше до сега.
Квалификациите и понатаму остануваат поделени во три фази. Во вториот дел на првата фаза секои 90 секунди ќе се елиминира по еден, најспориот возач во тој момент, и така додека не останат 15 возачи (од 22 колку што ќе ги започнуваат квалификациите).
Во втората рунда исто така ќе бидат елиминирани седум возачи и во последната фаза влегуваат осум возачи, а не 10 како што беше до сега. Понатаму,возачите ќе отпаѓаат еден по еден сѐ додека на патеката не останат двајцата најбрзи кои ќе одлучуваат за пол-позицијата.
“Идејата е квалификациите да бидат непредвидливи, како секогаш да се вози во услови на дожд. Можеби така некои од фаворитите нема да биде во првите редови”, најавил Еклстон.
Новата сезона на Формула1 почнува на 20 март со Големата награда на Австралија во Мелбурн.