Skip to main content

ГРК Охрид на чекор до европски трофеј

Реванш финалето ќе се одигра на 31 мај во спортската сала „Билјанини Извори“ во Охрид, каде ГРК Охрид ќе има можност пред домашната публика да испише нова историска страница во македонскиот ракомет.
 |  инфодеск  | 

ГРК Охрид направи огромен чекор кон освојување на трофејот во ЕХФ Европскиот куп, откако во драматичен и неизвесен финиш славеше на гостувањето кај унгарскиот МОЛ Татабања со 28-29 во првиот финален натпревар.

Охридскиот тим одигра одлично прво полувреме, во кое во еден момент имаше и шест голови предност. Клучна улога во водството имаше расположениот голман Кристијан Пилиповиќ, кој натпреварот го заврши со 12 одбрани.

Иако домаќините во второто полувреме успеаја да се вратат во игра и да внесат целосна неизвесност во завршницата, ракометарите на ГРК Охрид покажаа карактер и смиреност во клучните моменти. Херој на натпреварот беше Дарко Ѓукиќ, кој постигна гол на само три секунди пред крајот за голема победа и предност пред реваншот во Охрид.

Најефикасни во нападот беа Иванковиќ и Ѓукиќ со по седум погодоци. Во листата на стрелци се запишаа и Лиапис со пет гола, Стрмљан и Јасухира со по четири, како и Ојлески и Прибетиќ со по два гола.

По големата победа, честитка до ракометарите упати и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков. Тој преку објава на социјалните мрежи истакна дека охридските ракометари покажале „карактер на шампиони и борба до последната секунда“.

„Нашите момци покажаа како се гине за дресот на ГРК Охрид и се враќаат со триумф од гостувањето кај МОЛ Татабања“, напиша Пецаков.

Реванш финалето ќе се одигра на 31 мај во спортската сала „Билјанини Извори“ во Охрид, каде ГРК Охрид ќе има можност пред домашната публика да испише нова историска страница во македонскиот ракомет.