ГРК Охрид со нетрпение го очекува РК Тиквеш
Со многу емоции ракометарите на ГРК Охрид го очекуваат следниот натпревар од суперлигашкиот плејоф. На гости доаѓа Тиквеш, екипа од која загубија на гостински терен во дуел кој имаше и трето полувреме по кое суспензија добија Михајло Младеновиќ и тренерот Раде Стојановиќ. Но што било поминало, со ладни глави, голема мотивираност и борба за секоја топка мора да се дојде до победа истакнува еден од учесниците на немилиот настан.
„Морам да кажам дека Тиквеш е добра екипа, квалитетна со многу квалитетни играчи. Мислам дека треба да го дадеме максимумот да дадеме 120 % затоа што треба да победиме, да одиграме без поголем број на технички грешки, да победиме што е можно побрзо. Ако е возможно во 40тата минута тогаш во 40тата. Се надевам дека така и ќе биде бидејќи е многу важен натпревар за нас. “ – изјави за ТВМ, Михајло Младеновиќ
Иако ГРК Охрид покажува солиден квалитет на сите натпревари, посебно против големите фаворити, екипата не стои најдобро на табелата. Причината за тоа ја анализира еден од најискусните ракометари на ГРК Охрид со долгогодишен стаж во македонскиот ракомет.
„Лигата е една од најдобрите во изминативе години, сите екипи се изедначени. Пелистер 2 го победи на Вардар. Ние со фаворитите Пелистер и Вардар игравме до 50тата минута нерешено. Ако ги намалиме техничките грешки мислам дека можеме да се надигруваме со сите. “ – изјави Иван Тасески.
Натпреварот ГРК Охрид – РК Тиквеш е закажан за петок во 18 часот во спортската сала Билјанини извори. Ова е прва можност за охридските ракометни фанови да му посакаат добредојде на долгогодишниот поранешен тренер на Охрид, Горан Андоновски кој за прв пат во својата кариера гостува во Охрид на клупата на друга екипа.