Ракометарите на Охрид со гостувањето кај Бутел во Скопје ќе ја затворат сезоната во плеј-офот од Супер лигата на Македонија.
Охриѓани останаа без шанси за Европа уште во претходното коло, откако загубија од Еурофарм Пелистер, а Тиквеш дојде до важен и огромен бод против Вардар, со што кавадарчани по скоро една деценија излегуваат во Европа, па охридскиот сон за Европа веќе заврши.
Тиквеш со обезбедениот бод против Вардар и математички го исфрли Охрид од игра за Европа, па така последниот натпревар нема да донесе никакви промени кога е во прашање четвртото место и „визата” за Европа.
Бодовната разлика помеѓу Бутел и Охрид е само два бода, па така, Охрид со реми или победа сезоната ќе ја заврши на 5. место во плеј-офот, додека пак со пораз, Охрид ќе заврши на 6. место, а пак Бутел во таков случај ќе биде петти на табелата.
Дека ГРК Охрид сега се насочува сезоната да ја заврши на 5. место потврдува и Иван Тасески, охридскиот ракометар вели дека на натпреварот против Бутел одат по победа и со тоа да ја завршат сезоната со триумф и на петтата позиција.
„Последниот натпревар во Супер лигата во сезоната 2022/23, го играме на гостински терен. Шансите за Европа, за жал, се изгубени, но нема да се предадеме и на овој натпревар одиме на победа, да ја задржиме петтата позиција и да ја завршиме сезоната со победа”, вели Тасески.
Натпреварот ќе се одигра веќе утре со почеток од 18 часот во Спортската сала „Антон Димитров” во Бутел.