Викендов на програмата се натпреварите од 13. коло од плеј-офот на ракометната Супер лига. Ракометарите на Охрид во сабота на домашен терен ќе го пречекаат фаворитот Еурофарм Пелистер од Битола.
На овој натпревар, кој за Охрид ќе биде последен на домашен терен, битолчани ќе бидат апсолутни фаворити за триумф, а за Охрид, секој резултат освен пораз ќе биде големо изненадување.
Ова рунда е претпоследна, а битката за Европа за Охрид е отворена. Четвротото место води во Европа, а Охрид е на 5. место со два бода помалку од четвртопласираниот Тиквеш. До крајот има уште две кола. Охрид веќе викендот игра со Еурофарм Пелистер на домашен терен, а во последното коло Охрид ќе гостува кај Бутел, меч кој охридските ракометари ќе треба да го добијат за да го освојат 4. место.
Дека реални се шансите Охрид да заврши на 4. место говори фактот што Тиквеш до крајот има два натправари кои речиси сигурно ќе ги загуби. Веќе викендот Тиквеш ќе игра дома со Вардар, а во последното коло ќе гостува во Битола кај Еурофарм Пелистер.
Тоа значи дека „визата” за Европа зависи од самиот Охрид.
Натпреварот помеѓу Охрид и Еурофарм Пелистер се игра во сабота со почеток од 20 часот во „Билјанини Извори”. Судиска двојка ќе биде Димитар Георгиевски и Дејан Георгиевски од Скопје, а пак Драган Начевски ќе биде делегат на натпреварот.