Skip to main content

Ракомет

ГРК Охрид утре го пречекува тимот на Алкалоид

Ракометарите на Охрид утре ги очекува еден од најважните натпревари за подобар пласман во македонскиот плејоф. На гости доаѓа Алкалоид, екипа која досега не е победена од страна на охридскиот градски клуб. Овој важен дуел доаѓа во незгоден период бидејќи повеќе ракометари се повредени. Сепак гладијаторите како и секогаш ветуваат срце на терен и борба до последната секунда.
 |  инфодеск  | 
Грк Охрид

Утре во Охрид нов ракометен спектакл, овој пат помеѓу ГРК Охрид и РК Алкалоид. И покрај проблемите со повредите на Андоноски, Будрали и Каракоч, охридските гладијатори се подготвуваат да го изненадат скопскиот тим познат по големиот број на македонски репрезентативци предводени од легендарниот Кире Лазаров.

И покрај тоа што сите најавуваа дека Охрид нема да го биде, Охрид е одличен за разлика од претходните три години кога играше епизодна улога во плејофот. На добар пат сме, на ниту еден натпревар нема да играме епизодна улога како што покажавме во овие три кола. Очекувам фанатична борба од моите играчи. Јас не сакам да губам и се надевам дека нема да губам против селекторот и неговата репрезентација – изјави тренерот на ГРК Охрид, Горан Андоновски.

Горан Андоновски

Андоновски се осврна на сите проблеми во досегашната сезона поврзани со доаѓањето и заминувањето на голем број играчи.

Реалноста е таа, мораме да купуваме странски играчи бидејќи охридските таленти заминуваат од Охрид. Ние макотрпно работиме со младите, но тие заминуваат во помоќни клубови со надеж дека ќе остварат подобра кариера – потенцира Андоновски.

Најталентираните работат со првата екипа, но посериозна минутажа во официјален натпревар немаат, бидејќи се работи за квалитетен плејоф во кој се игра сериозен ракомет. Тоа го потврдува и словенечкиот интернационалец Гал Цирар.

За разлика од Македонија, во Словенија ракометна техника се тренира уште од прво одделение. Тоа е единствен плус за Словенија додека во нашата земја има други позитивни моменти.

Очекував вакви тешки натпревари. Ми се допаѓа што салите се полни барем на овие три натпревари кои ги игравме и морам да кажам дека тоа не се гледа често во словенечкиот ракомет каде салите се помали. Морам да кажам дека тоа е еден голем плус за македонскиот ракомет – вели Цирар.

Цирар

Како е да се игра против еден Алкалоид, искуство има пикерот Владимир Бојаниќ. Се надева дека нема да имаат лош ден како против Тиквеш и дека ќе го покажат вистинското лице со помош на големиот број навивачи и навивачката група Рибари. 

Што да се каже за екипа која има 9 репрезентативци. Ние ќе дадеме се од себе, се подготвувавме, иако имаме проблем со ростерот и повредените играчи. Ни останува да се собереме и да го одиграме најдобриот натпревар. Да покажеме, како што кажа шефот, дека сме екипа која може да избори пласман во Европа. Мислам дека сме добра екипа во која атмосферата е одлична – изјави Владимир Бојаниќ.

Бојаниќ

Љубителите на ракометот ќе можат да го бодрат својот тим во спортската сала „Билјанини извори“ утре (петок) во 20 часот. Цената на билетот за овој дуел е 100 денари.